Македонија
Подигнат споменик во чест на 75-годишнината од Втората светска војна
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со Амбасадорот на Руската Федерација, Сергеј Баздникин, положија свежо цвеќе на новоподигнатиот споменик во чест на Денот на победата над фашизмот и 75-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.
На 9-ти мај 1945-та година, во Берлин, претставниците на германските сили ја предадоа потпишаната капитулација на советскиот маршал Жуков и британскиот маршал Тедер. Со тој чин, завршува едно мрачно поглавје од светската историја.
„Денес, треба да бидеме помудри и да учиме од историјата. Да им бидеме благодарни на нашите претци, кои несебично се вклучија во битките и во борбите со окупаторот. Тие храбро и достоинствено ја извојуваа оваа голема победа за сите земји и народи и за враќање на светскиот мир, како една од највисоките цели на човештвото“, рече Богдановиќ.

Спомен-обележјето, донација од Амбасадата на Руската Федерација, е подигнато во сеќавање на милионите војници кои ги положија своите животи во име на мирот и слободата.
„Споменикот што го отвараме денес е посебен, прв од ваков вид. Тој претставува потврда за единството на народите на антихитлеровата коалиција, која ја ослободи Европа од нацистите и нивните помагачи. Како прототип или поточно, извор на идејата за него послужи споменикот на советските војници во рускиот град Ржев, во чија што близина во јануари 1942-ра година до март 1943 се одвиваа тешки крвави битки. Во нив загинаа речиси 400 илјади војници и офицери на Црвената Армија“, изјави Баздникин.
Општина Центар заврши со реконструкција на улицата на која се наоѓа споменикот, „9-ти Мај“. Стариот и дотраен асфалт е заменет со нов, на вкупна површина од 1076 м2, поставени се нови рабници, шахтите се нивелирани и реконструирани се тротоарите со нови префабрикувани бетонски елементи на површина од 1020 м2.
Со оддавање почит на загинатите во Втората светска војна и со пораки за продолжување на пријателството меѓу двата народи, македонскиот и рускиот, Богдановиќ и Баздникин ги повторија заложбите за унапредување на соработката и партнерството помеѓу Република Северна Македонија од една и Руската Федерација од друга страна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

