Македонија
Општина Ѓорче Петров: Лага е дека градинката Детелинка нема греење

Општина Ѓорче Петров негира дека во градинката Детелинка две недели немало греење.
„Очигледно е дека пандемијата со Ковид-19 е терен за ситно партиско профитерство на ВМРО ДПМНЕ. Здравствената криза ги загрижува сите, освен гласноговорниците на опозицијата. Преку лаги и невистини се обидуваат да креираат проблем онаму каде што го нема. Апсолутна невистина е дека во клонот Детелинка од Градинката Росица нема греење за дечињата и персоналот“, се вели во реакцијата на изјавата на Данијел Апостолоски, советник во Советот на Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Општината велат дека десет дена објектот се загревал со клима уреди поради дислокација на резервоарот за нафта заради изведување на градежни работи.
„Објектот се загрева во текот на целиот работен ден од 06.00 до 17.00 часот, со што во просториите се постигнува температура за нормално одвивање на воспитно-згрижувачкиот процес. Во најкус рок резервоарот повторно е вратен и приклучен на цевките на системот за загревање и од денеска целиот објект се загрева на нафта. Грижата за најмалите била и ќе остане главен приоритет на општина Ѓорче Петров. Локалната самоуправа нема да дозволи да се собираат ситно партиски поени врз грбот на децата“, се вели во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода дел од скопски Карпош

ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. Осло бр. 15б, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата, без вода ќе останат корисниците од ул. Осло. ( општина Карпош )
Македонија
Катерина Мирчовска именувана за нова директорка на болницата во Кочани

Катерина Мирчовска е именувана за нова директорка на болницата во Кочани, објави директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.
„Силно лидерство за болницата во Кочани!
Вчера за директорка на Општата болница Кочани е именувана Катерина Мирчовска, хирург. Веста помина штуро, со појаснување дека тоа е на барање на повредените од трагедијата за Кочани.
Катерина ја запознав низ работата за повредените од трагедијата во Кочани. Импресионира на прв впечаток. Полна со енергија, посветена, професионална, со големо срце, ги знае во детали сите најразлични потреби на повредените. Катерина се откажа од својот трансфер во ГОБ 8 септември Скопје за да се посвети на повредените“, објави Клековски на „Фејсбук“.
Тој додава дека Катерина е најдобар можен избор за водење на болницата во периодот на опоравување на повредените и ветува силно лидерство за болницата во овој критичен период.
Македонија
Меџити во Украина: Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, Изет Меџити, денес учествуваше на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“ што се одржа во Одеса, Украина.
Самитот, кој беше отворен од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претставува продолжение на претходните средби одржани во Атина, Тирана и Дубровник, со учество на високи претставници од земјите на Југоисточна Европа. Главната цел на самитот е поддршка за Украина и зајакнување на регионалната соработка и безбедноста.
Во своето обраќање, вицепремиерот Меџити изрази благодарност за гостопримството на украинските власти и ја реафирмираше непоколебливата поддршка од страна на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Обединети сме пред предизвиците кои го загрозуваат мирот, безбедноста и меѓународниот поредок. Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната“, – истакна тој.
Вицепремиерот Меџити ја нагласи и посветеноста на земјата за продлабочена регионална соработка и изградба на безбедна, мирољубива и демократска Европа.