Македонија
Општините за новогодишно украсување потрошиле 615 илјади евра
Центарот за граѓански комуникации ја објави базата на податоци за сите тендери на локалните власти за новогодишно украсување за дочекот на 2019 година. Базата на податоци открива дека за дочекот на новата 2019 година се украсија повеќе општини и се потрошија повеќе пари од лани. Локалните власти на 27 општини склучиле договори за новогодишно украсување во вкупна вредност од околу 615 илјади евра, односно 30% повеќе од претходната година.

Најголем дел од парите завршија кај скопската фирма „Линк медиа плус“, која за два договора (со Градот Скопје и со Општина Струмица) ќе добие над 300 илјади евра, а најголем број договори, и тоа дури 11 во вкупна вредност од 185 илјада евр,а добила фирмата„ Метал-Вет-Ел“ од Скопје.

Базата на податоци дава преглед на трошоците за новогодишно украсување во период од 4 години и овозможува споредба дали одредена општина го зголемила или намалила овој трошок. Податоците од оваа база се ставаат на располагање во отворен формат за служат како основа за натамошно користење и истражување.
Целото истражување и базата на податоци се достапни на следниот линк: http://www.opendata.mk/Home/TekstualniDetails/78?Category=2 . Базата на податоци содржи и податоци за трошоците на општините за новогодишно украсување по години, од 2016 година наваму.
Оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои ќе се реализираат во рамките на проектот Јавно трошење за јавно добро, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на проектот што го спроведува ЦГК е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хрватскиот министер за надворешни и европски работи во посета на Македонија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре ќе биде домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој ќе престојува во официјална посета на Македонија.
Двајцата министри ќе разговараат за билатералните односи, економската и секторската соработка, како и за европската интеграција на земјата и можностите за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон Европската Унија, соопштија од Министерството.
Во фокусот ќе бидат и соработката во рамки на НАТО, регионалните прашања и актуелните меѓународни случувања.
Македонија
„Блокадафест“ пред влезот на Усје, целодневен протест со музичка програма
Утре со почеток од 15 до 23 часот ќе се одржи целодневен протест пред влезот на фабриката Усје.
„Со нас застанаа уметници кои својот протест го изразуваат со она што најдобро го знаат – музиката. Волонтерски ќе настапат: DJ Александар Јорданов, DJ Chvare, DJ Andrew Meller, Новиот Почеток, Хајка, Луфтханза, Животни, Големата Вода, DJ Базел, DJ Emily Nas, Дина Јашари, Член 16, Зарина Првасевда и Корка. Нивната поддршка е порака дека ова не е изолиран протест, туку заедничка борба за уставно загарантираното право на чист воздух“, се вели во најавата за протестот од „Стоп за Усје“.
Од таму велат дека „Блокадафест“ е јасен повик до институциите и до Титан Усје: здравјето на граѓаните не е преговарачка категорија.
„Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен“, се вели во најавата.
Македонија
ВЛЕН: Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби?
„Ништо повеќе не е исто како порано. Почнува внатрешната пресметка во Мала Речица. Од една страна се Али Ахмети со групата поранешни функционери кои глумат невини и чесни, а од друга страна е Артан Груби на кого овие првите додека беше во бегство лично го натоварија за сите политички и коруптивни зла на ДУИ“, велат од ВЛЕН.
„Вистина е дека Артан Груби не е ‘обичен’ поранешен функционер, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата подвижна архива на една партиска шема што со години се криеше од јавноста. Кога “црната кутија” еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот.
Затоа во ДУИ владее паничен страв. Заплетот влегува во фаза во која соопштенијата и пресовите на ДУИ повеќе не вршат работа, туку фактите. Институциите почнуваат да копаат по вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа буџетските пари.
Дали стравот од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува и ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги, тера некого да користи мафијашки методи на заплашувања? Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби? Кој во ДУИ бара од Груби да го почитува мафијашкиот код “омертаʼ” за молчење и несоработка со институциите“, прашуваат од ВЛЕН преку соопштението.

