Македонија
Ѓорѓиевски за состојбата во која е затекнат Градот: Наследивме катастрофални 40, а сега имаме 400 милиони денари на сметка
На денешната седница на Советот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на град Скопје, се обрати со јасна и отворена порака за состојбата во која е затекнат Градот и за резултатите што се постигнати во краток временски период.
При разгледувањето на буџетот на Град Скопје за 2026 година, градоначалникот посочи дека по наследеното катастрофално финансиско и институционално наследство, Скопје денес чекори кон стабилизација, одговорно управување и реализација на проекти од суштинско значење за граѓаните.
„Наследивме катастрофални 40, а сега имаме 400 милиони денари на сметката на Градот! Денес, го носиме буџетот за Град Скопје за 2026 година. Но, мора отворено да зборуваме и за реалноста што ја наследивме, еден од најкатастрофалните квартални извештаи во историјата на Градот од времето на Петре Шилегов и Данела Арсовска. За девет месеци се реализирани приходи од 2.856.417.717 денари, што значи просек од само 317.379.746 денари месечно. И во претходните години состојбата била слична, а често и полоша“, рече Ѓорѓиевски.
„За споредба, за 40 дена реализиравме приходи од 659.493.349 денари, речиси двојно повеќе од кој било месечен резултат во минатото.
На сметката на Град Скопје наследивме поразителни 40 милиони денари. Веќе првиот работен ден од мојот мандат нѐ дочека извршно решение за наплата од 48 милиони денари плус дополнителни 3 милиони денари по основ на спогодби.
Наследивме презадолжени и девастирани јавни претпријатија и културни установи. Наследивме хаос во образованието, каде што со години не било направено ништо суштинско. Во овој квартален извештај се прикажани само достасаните долгови и кредитите евидентирани во сметководството на Град Скопје. Не се опфатени недостасаните обврски, ниту најтешкиот товар – тужбите.
Наследството од Петре Шилегов и Данела Арсовска изнесува 2,9 милијарди денари во активни судски постапки. На 8.11.2025 година јавните претпријатија немаа земено плата за септември. Тоа беше директен удар врз буџетот на Град Скопје и врз достоинството на вработените.
Некој си поигрувал со нивните судбини“, вели градоначалникот на Скопје.
„Со ребалансот на буџетот овозможивме сите јавни претпријатија да ги добијат заостанатите плати. Само во ЈП ‘Паркови и зеленило’, поради законскиот лимит, успеавме да ги исплатиме сите придонеси за платата за ноември и една и пол нето-плата.
Покрај речиси 200 милиони денари обезбедени за плати, наследени беа и тековни обврски кон доставувачи во износ од 330 милиони денари. Денес тие се намалени на 236 милиони денари.
За 40 дена направивме повеќе во образованието отколку што некои не успеале за цел мандат. Градиме спортски терени во шест средни училишта, обезбедуваме прочистувачи на воздухот за секоја училница, нова ИТ-опрема, паметни табли, лаптопи, нови клупи и столчиња, како и опрема за информатичките кабинети.
Обезбедивме средства за лунапаркот, проект што со години беше само празно ветување. Обезбедивме средства и за првата фаза од првата подземна сообраќајница кај „Лимак“, обезбедивме средства за кружниот тек во Ѓорче Петров.
Ја решивме експропријацијата кај Момин Поток, интензивно продолжува изградбата на таа улица и сме во преговори за откочување на сите други проекти што беа заглавени од претходните раководства.
Почнавме реконструкција и на улицата Фрањо Клуз во Аеродром, а предвидовме средства и за инфраструктурни проекти за многу други улици и булевари, кои ќе се реализираат во 2026 и 2027 година.
Успеавме да склучиме спогодба со Владата, со поддршка на премиерот Христијан Мицкоски, за износ од 360 милиони денари, кои ќе бидат исплатени во период од три години, како обврска за студентскиот превоз, проблем за кој претходната влада на СДСМ немаше слух.
По многу години, го исчистивме град Скопје, а истовремено го украсуваме и му даваме новогодишен дух и новогодишна прослава каква што заслужуваат скопјани“, додаде градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

