Македонија
Орце Ѓорѓиевски на кафе со Влатко Стефановски: Ќе го направиме Скопје културно катче достојно за иднината

Актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, се советува со гитаристот Влатко Стефановски околу програмата за поубаво Скопје. Ѓорѓиевски на „Фејсбук“ објави детали.
„Огромна е честа да испијам пријателско кафе со инспиративен разговор со маестро Влатко Стефановски – музичар од светски калибар и гордост на Македонија, заедно со идниот градоначалник на Карпош, Сотир Лукровски. Како човек кој со својата уметност ја прослави татковината ширум светот, тој е еден од најеминентните што може да зборува за културата, за духот на градот и за визијата како Скопје да стане вистинска европска метропола. Во нашиот искрен муабет, како вистински скопјанец, Влатко сподели прекрасни идеи и совети кои ќе бидат важен дел од мојата програма за поубаво и покултурно Скопје. Кога културата и музиката ќе се спојат со визија и работа, тогаш градот станува повеќе од урбана средина – станува дом на духот, уметноста и заедништвото. Заедно, ќе го направиме Скопје културно катче достојно за иднината“, објави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Под објавата многумина граѓани отворено им даваат поддршка на двајцата кандидати за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ на изборите наесен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.