Македонија
Османи му го предаде на Жбогар деталниот извештај за реализацијата на планот 3-6-9
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во пресрет на утрешното излегување на извештајот за состојбите и напредокот на Република Македонија, му го предаде на евроамбасадорот Самуел Жбогар финалниот фактографски извештај за реализација и имплементација на реформите од планот 3-6-9.
„Реализиравме преку 90% од предвидените реформи во планот 3-6-9 и 100% од неговата суштина. Планот ја постигна својата цел и ја врати земјата на евро-атланскиот пат“, истакна Османи при предавањето на извештајот на евроамбасадорот Жбогар.
Тој додаде дека согласно со испорачаните резултати, очекува убави вести утре од Брисел за Македонија, при претставувањето на извештајот на Европската комисија за земјава.
Планот 3-6-9 беше усвоен во јули минатата година, по изгласувањето на новата Влада, чија цел беше одмрзнување на реформскиот процес во Република Македонија и враќање на државата на евро-атланскиот пат.
Делот три беше финализиран со одржувањето фер, слободни и кредибилни избори во ноември минатата година, додека делот шест заврши со излегувањето на стратегијата на Европската комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан 2025.
Периодот за имплементација на делот девет, т.е. на целиот план 3-6-9 истекува утре, 17 април, со објавување на извештајот на Европската комисија за состојбите и напредокот на земјава. За таа цел, вечерва точно на полноќ деталниот фактографски извештај за имплементацијата на планот 3-6-9 ќе биде објавен на веб-страницата на Секретаријатот за европски прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

