Македонија
Османи: Во 2024 година посветено продолжуваме кон ЕУ
Северна Македонија направи силен пробив на светската политичка сцена во 2023 година, а нашиот глас беше слушнат од Ванкувер до Владивосток. Оваа позиција можеме да продолжиме да ја градиме и во новата 2024 година со заедничка истрајност, единство и посветеност на напредокот, истакнува министерот за надворешни работи и претседавач со најголемата светска регионална безбедносна организација ОБСЕ, Бујар Османи во своето новогодишно обраќање до граѓаните.
Под наше раководство, со јасна визија и многу посветеност, успеавме, како што нагласува Османи, да ја зачуваме ОБСЕ во исклучително сложен услови и војна во регионот на организација.
– Ова не беше само триумф за Северна Македонија, ова беше победа на разумот и важен момент за стабилноста на целиот регион, вели Османи во обраќањето.
Успехот за Северна Македонија од Претседавањето со ОБСЕ, според Османи, е заслуга на сите граѓани на државата кои демонстрираа единство и докажаа дека иако сме мала земја може да се носиме и со најсериозните предизвици.
-Позицијата на Северна Македонија во светот се зајакна, а нашата посветеност на меѓународната соработка нè донесе поблиску до сојузниците кои ја споделуваат нашата визија за подобар свет, вели Османи.
Во следната година останува предизвикот на усвојување на уставните измени и одлучно продолжување на патот кон Европската Унија, уште еден храбар чекор кој треба да ја обликува нашата иднина, вели Османи.
Министерот за надворешни работи упати и порака до опозицијата која го блокира последниот процес на овој пат – уставните измени.
-Денес, Северна Македонија е поблиску до Европската унија од кога било и ова е резултат на нашата визија, посветеност и желба за просперитетна иднина. Возот кон ЕУ нема да запре и силно верувам дека следната година ќе ги надминеме блокадите кои ги создава опозицијата. Верувам затоа што знам дека мнозинството граѓани сакаат да завртат лист и станат дел од силното и поврзано европското семејство, вели Османи.
Посакувајќи им на граѓаните нова година исполнета со мир, благосостојба и мигови поминати со најблиските, Османи повика на заедништво во следното поглавје за државата преку почитување на вредностите – правда, единство и просперитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

