Македонија
Османи – Дендиас: Грција и Северна Македонија треба да бидат пример за пријателство на Балканот
Грција и Северна Македонија треба да бидат пример за пријателство на Балканот, беше заклучено на средбата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, со грчкиот шеф на дипломатијата, Николаос Дендиас, што се одржа во Атина.
„Фокус на разговорот меѓу двајцата колеги, на двете земји соседи беа воспоставување на рамката за следните активности што им претстојат на двете држави согласно Акциониот план за соработка и имплементацијата на Договорот за стратешко партнерство, познат како Договорот од Преспа. Покрај доминантните теми за интензивирање и унапредување на економската соработка, преку поголема соработка на стопанските комори, во делот на инфраструктурата, за меѓуграничните олеснувања на движењето на граѓаните, енергетиката, се разговараше и за понатамошно продлабочување на политичкиот дијалог, за пријателството и добрите односи со соседите, како политики на градење заедничка европска иднина“, соопшти МНР.
„Вистинско задоволство е да се почне годината со ваква успешна посета на Грција. Нашите искрени намери се да го надминеме прагот на добрососедството, како коректен политички наратив и да поставиме основа за изградба на едно подлабоко долгорочно пријателство меѓу двете земји, како највисок израз на успешност на политиката и дипломатијата“, истакнал Османи.
Тој кажал дека смета дека е особено важна принципиелната поддршка од страна на Грција за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, без одложување.
„Ја цениме оваа поддршка и ја сметам за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Во истата насока сакам да ја нагласам и соработката во рамките на НАТО, преку аранжманот меѓу двете држави за заштита на воздушниот простор, што во голема мера придонесува за унапредување на довербата меѓу двете земји на политички и безбедносен план“, рекол Османи.
За време на официјалната посета на Османи на Грција биле потпишани три Меморандуми за разбирање меѓу двете држави за соработка во областа на инвестициите и надворешна трговија меѓу претпријатијата „Грција СА“ и „Инвест Северна Македонија“, за соработка меѓу министерствата за надворешни работи во едукацијата на дипломатите и за соработка во областа на цивилната заштита.
На агендата на Османи на официјалната посета на Грција се и средба со претседателката Катерина Сакеларопулу, со премиерот Кирјакос Мицотакис и со алтернативниот министер за европски прашања, Милтијадис Варвициотис
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МОН: Ја јакнеме инклузијата со влезот во Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование
„Размената на искуства и позитивни практики со земјите од Европа и Светот ни е од голема важност во оваа насока, и затоа се радуваме што стануваме земја членка на Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование (EASNIE)“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, на средбата со Жоао Коста, директор на EASNIE и Рута Сваринскаите, кои деновиве се во посета на нашата земја.

– Постојано работиме на подигнување на инклузивноста на образовниот систем, затоа што секое дете мора да има еднаков пристап до квалитетно образование и да добие шанса за достигнување на својот полн потенцијал, независно на комплексноста на посебните образовни потреби. Имаме што да споделиме, бидејќи особено во изминатите неколку години направени се крупни чекори напред во градењето на инклузивно општество, но како земја во развој ќе продолжиме и внимателно да ги следиме трендовите кои ги наметнуваат развиените земји, истакна Јаневска на средбата.

Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование е независна организација која дејствува како платформа за соработка меѓу земјите-членки, со цел обезбедување поинклузивни образовни системи. Агенцијата е единственото европско тело кое е финансирано од своите земји-членки со конкретна мисија да им помогне да го унапредат квалитетот и ефикасноста на инклузивното образование за сите ученици, односно EASNIE е кофинансирана од министерствата за образование во земјите-членки и од Европската комисија преку оперативен грант преку Еразмус+.
Македонија
(Видео) На подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек за да се избегне блокирање на патот, СВР Тетово со апел да се почитуваат сообраќајните правила
Секторот за внатрешни работи Тетово постапува согласно годишен план за постапување во зимски услови во зимските рекреативни центри Маврово и Попова Шапка, но и во целото подрачје што го покрива.
Како и минатата година, така и оваа година на подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек на движење на возилата за да се избегне секој вид на блокирање на патот. Но, поради одредени неодговорни возачи кои не го почитуваат тоа правило дооаѓа до целосно блокирање на сообраќајот. Исто така, проблем претставува и паркирањето на возила покрај патот со што се оневозможува на надлежните институции за целосно чистење на патот и на тој начин уште повеќе се отежнува движењето во сообраќајот, односно на некои делници од патот кон Маврово нема можност за двонасочен сообраќај, велат од СВР Тетово.
Пред почетокот на сезоната, Отсекот за превенција при СВР Тетово во неколку наврати одржа состаноци со менаџери и сопственици на хотели и угостителски објекти во овие два туристички локалитети, при што беше укажано да преземаат соодветни мерки во нивниот делокруг на работа за безбедноста на посетителите, а и во однос на обезбедување на доволен број паркинг места за нивните клиенти.
„За да не се повторат ситуации од претходните години во Маврово и Попова Шапка, кога СВР Тетово дополнително ангажираше полициски службеници од другите полициски одделенија за физичко регулирање со наизменично пуштање на возилата и расчистување на сообраќајот, СВР Тетово апелира до граѓаните, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не ги паркираат нивните возила на коловоз, да ги почитуваат наредбите од полициските службеници и да не тргнуваат кон овие локации без соодветна зимска опрема“, соопштуваат од СВР Тетово.
СВР Тетово ги известува граѓаните дека ќе бидат ангажирани и пајак службите на Тетово и Гостивар секогаш кога некое возило ќе го попречува сообраќајот, односно ќе биде подигнато и законски санкционирано.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Целосна реконструкција на култната фонтана „Лотос“ во Градскиот парк
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, објави видео во кое вели дека култната фонтана „Лотос“ повторно го добива својот сјај.
„Започната е целосна реконструкција на фонтаната која се наоѓа на влезот од Градскиот парк – место што со децении претставува препознатлив белег и симбол на Скопје, но кое за жал со години беше запуштено.
Со проектот е предвидена целосна обнова на фонтаната, како и уредување на плоштадот околу неа. Се поставува нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот ќе добие нов, модерен и достоинствен изглед, соодветен на значењето што го има за градот и граѓаните.
Ова култно катче, еден од најпрепознатливите симболи на Скопје, повторно ќе стане место за средби, прошетки и споделени моменти. Простор каде што генерации скопјани ќе се собираат, ќе создаваат спомени и ќе уживаат во уреден и квалитетен јавен простор, онака како што Скопје заслужува.
Градот го обновуваме чекор по чекор, со јасна визија и конкретни дела. Скопје го правиме заедно. По скопски!“, изјави Ѓорѓиевски.

