Македонија
Османи до Македонците во Албанија: Слободно да ја изразите вашата припадност на пописот

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, порача до Македонците во Албанија во следните шест недели слободно да ја изразат својата идентитетска припадност на тамошниот попис на населението.
„Драги Македонци, препознавајќи ја вашата улога како лојални граѓани на Албанија, ве охрабрувам на пописот слободно да ја потврдите вашата етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност, која претставува основно природно право на секој поединец“, рече Османи.
Истакна дека деновиве сме сведоци на пропаганди кои влијаат на одлуката, притоа не водејќи сметка за чувствата на Македонците, но тоа воопшто не треба да ги загрижува македонските граѓани од овој крај. Албанија е слободна земја, вели Османи, во која секој може слободно да го изрази и негува својот идентитет без да се грижи за било какви последици.
Министерот во обраќањето додаде дека Северна Македонија и Албанија се повеќе од соседи и најави дека македонските институции ќе останат во интензивна комуникација со Македонците и институциите во Албанија за сите прашања коишто ги засегаат.
Изминатиот период до Македонците во Албанија беа упатени повеќе пораки, но и закани да се попишат како Бугари. Ваква закана пристигна вчера од првиот човек на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, кој преку социјалните медиуми им порача на Македонците дека ако не се регистрираат како етнички Бугари ќе им бидат повлечени бугарските пасоши.
Македонија не реагираше со официјална нота до Софија, а тивко поминаа и посетите на бугарските челници кои се интензивираа во изминатот период во краевите кадешто претежно живее македонско население. Македонските здруженија во неколку наврати преку медиумите алармираа на притисоци од бугарска страна пред пописот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Извршниот одбор на СДСМ донесе неколку заклучоци

Извршниот одбор на СДСМ го потврди предлогот на Ковачевски и кандидат за претседател на Собранието го избра Јован митревски, координатор на пратеничката група на СДСМ.
„Митревски е пратеник со искуство, вреден, отворен, чесен и посветен на интересот на граѓаните, докажан во неговиот ангажман во Собранието. Сигурни сме дека Митревски ќе ја извршува функцијата на највисоко ниво“, рече портпаролот на СДСМ Дарко Каевски.
ИО го задолжи генералниот секретар да го подготви роковникот за постапка, начин и критериуми за кандидат за претседател на претседателските избори, согласно статутот на партијата.
За шеф на централниот изборен штаб на СДСМ, извршниот одбор го предложи Миле Зечевиќ Вардарски.
Македонија
Османи во посета на Женева

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи утре ќе учествува на настанот на високо ниво за Одбележување на седумдесет и пет години од Универзалната декларација за човекови права, организиран од Обединетите Нации во Женева.
Преку неговото обраќање, Османи ќе ги презентира заложбите на Северна Македонија во овој важен домен.
За време на престојот во Женева, Османи ќе оствари низа билатерални средби со високиот комесар за човекови права Волкер Турк и високиот комесар за бегалци Филипо Гранди, како и генералните директори на светската здравствена организација и меѓународната организација за миграции Тедрос Аданом и Ејми Поуп, соопштија од МНР.
Македонија
Ковачевски: Кандидатот за претседател на државата ќе биде од СДСМ, а не од ДУИ

Ковачевски пристигна во штабот на СДСМ каде во 19 часот ќе се одржи состанок на извршниот одбор и рече дека денеска ќе биде потврдена неговата одлука – координаторот на пратеничката група, Митревски, да седне во фотелјата на Талат Џафери. На прашањето дали би поддржал претседател Албанец од ДУИ, како што вчера најави Османи, премиерот рече дека нема никаква дилема оти кандиндатот за претседател ќе биде од СДСМ.
„Сите политички партии имаат свои амбиции, меѓутоа претседателскиот кандидат ќе биде од СДСМ, како што беше на минатите избори и ќе ја има најшироката поддршка од политичките партии и граѓанските организации, поединци итн. Тоа ќе биде претседалот на државата и во следниот мандат“ , рече премиерот.
Во врска со дилемите околу тоа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи свои членови во техничката влада, Ковачевски верува дека опозицијата ќе го стори тоа бидејќи така се договорила на лидерската средба.