Македонија
Османи во посета на четири земји членки на ЕУ – ќе бара поддршка за евроинтеграциите
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оваа недела ќе ги посети европските метрополи Прага, Букурешт, Будимпешта и Виена како дел од дипломатската турнеја за посета на поширокото соседство на Западниот Балкан.
Веќе од утре Османи е во работната посета на Република Чешка, каде што ќе оствари средба со министерот за надворешни работи, Томаш Петжичек. Во рамките на посетата, Османи ќе се сретне и со Милена Хрдинкова, државен секретар за ЕУ прашања во канцеларијата на премиерот Андреј Бабиш.
Веќе наредниот ден (16 декември), Османи заминува за Романија на средби со својот хомолог и домаќин, министерот за надворешни работи на Романија, Богдан Ауреску, а ќе оствари средба и со привремениот романски премиер, Николае Чука.
Од Букуреш, Османи директно ја продолжува турнејата со работната посета на Унгарија (17 декември), каде што ќе оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто. За време на престојот во Будимпешта, Османи ќе оствари средби и со советниците за надворешна политика на премиерот Орбан: Јанош Бала и Јанош Мате.
По завршувањето на овие работни посети, Османи на 21 декември ќе отпатува за Виена каде што ќе ја заокружи мини турнејата на средби со својот колега Александар Шаленберг, а превидена е и средба со министерката за Европа во рамките на кабинетот на канцеларот на Република Австрија, Каролине Едштадлер.
Работните посети на Османи на овие земји доаѓаат веднаш по одржаните состаноци и Совети на Европската Унија со цел да ја реафирмира поддршката за европската перспектива на Република Северна Македонија.
На агендата на разговорите ќе се најдат прашањата за билатералните односи, со посебен акцент на соработката на економски и трговски план, а ќе бидат разгледани и повеќе актуелни теми врзани со соработката во рамките на НАТО и во меѓународните организации, најновите состојби во регионот, како и други актуелности од меѓународната политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

