Македонија
Османи за средбата во Тирана: Нема никаква конспирација туку размена на мислења за регионални прашања

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека утрешниот состанок на албанскиот премиер Еди Рама со лидерите на политичките партии на Албанците од Македонија во Тирана е новогодишна средба со цел размена на мислења по однос на актуелните прашања од регионот.
Османи вели дека Рама е докажан пријател на Северна Македонија и затоа смета дека не треба да се создава конспирација околу овој состанок.
„Очигледно, оваа година ќе биде година на предизвици за регионот. Сепак, се наоѓаме во година во која што се уште постои војна во нашиот континент во кој што постојат бројни регионални предизвици, заедничките аспирации на двете земји за продолжување на преговорите за членство во Европската унија“, рече Османи одговарајќи на новинарски прашања.
Рама на средбата во Тирана ги поканил лидерите на ДУИ, Али Ахмети, на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, на Движењето Беса, Билал Касами, на Алтернатива, Африм Гаши и на ДПА, Мендух Тачи.
Пратеникот од Движењето Беса, Фадил Зендели денеска изјави дека тие нема да присуствуваат на средбата бидејќи е во полза на ДУИ, а секогаш кога оваа партија има внатрешни превирања се одржуваат вакви средби во Тирана.
„Како политичка партија Движење Беса не сме подготвени да седнеме на иста маса со ДУИ. Во овој момент на ДУИ му е потребна средба во Тирана“, рече Зендели.
Од кабинетот на Рама не ја објавија агендата за средбата, а министерот Османи рече дека нема однапред предвидена агенда за што ќе се разговара.
Претходно опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека само СДСМ нема против оваа средба, каде што за македонските прашања – се координираат во Тирана.
„Очигледно, Али ќе ја учи и Тирана за зелената агенда или Тирана ќе спрема втора тиранска платформа, која после Али ќе му ја даде на Ковачевски?“, се посочува во соопштението од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пуцко Петрол: Никогаш не сме доставувале мазут до ЕСМ

Компанијата „Пуцко Петрол“ тврди дека непотребно се споменува во целиот случај, и никогаш не доставувала мазут до ЕСМ.
„Нападот врз Пуцко Петрол, го сметаме за тенденциозен обид за нарушување на угледот на компанијата и семејството. Категорично отфрламе било каква вмешаност со набавката на мазут и достава на истиот до ЕСМ. Никогаш не сме увезуале Мазут и доставувале до ЕСМ. Низ годините сме докажана нафтена компанија, која соработувала со илјадници приватни и државни институции, реализирајќи ги нивните барања во целост, согласно законот, при што во моментот долгот на јавните установи према Пуцко Петрол надминува една милијарда денари“, велат од компанијата во демантот.
Се додава дека Пуцко Петрол не е дел од никаква постапка за мазут која се води за РКМ.
Од тука упатија молба до медиумите да пласираат точни и проверени информации, затоа што, како што велат, со овие дезинформации се нарушува угледот и реномето на компанијата со што се прават и се до сега веќе направени штети од големи размери и се прави искривување на вистината и фактичката состојба.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Баку: ЕУ останува наша стратешка цел, а САД ќе продолжи да биде наш стратешки партнер

ЕУ останува наша стратешка цел, а САД ќе продолжи да биде наш стратешки партнер, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на 12. Глобален форум во Баку, на сесијата на тема „Пактот за иднината на Обединетите нации: градење на нов глобален консензус“.
Таа повика на суштински реформи коишто ќе ги направат глобалните институции полегитимни, поправедни, поефективни и подоследни во исполнувањето на Повелбата на Обединетите нации. Воедно, истакна дека иако се застарени, Обединетите нации сепак се единствената организација којашто, освен универзален легитимитет, има потенцијал за да ги адресира проблемите.
Во обраќањето го реафирмираше членството во Европската Унија како стратешка цел на државата. Посочи и дека не отстапуваме ниту од нашето стратешко партнерство со САД.
Таа рече и дека европскиот пат на нашата држава е поплочен со двојни стандарди, со нови барања и услови коишто не им биле поставени на други држави.
„Неодамна, на еден од панелите на Минхенската безбедносна конференција, македонскиот премиер постави реторичко прашање: зошто, кога Русија го негираше украинскиот идентитет и јазик, цела Европа стана во одбрана на Украина, а кога една земја членка на Европската Унија го негираше македонскиот идентитет и македонскиот јазик сите молчат. Oдговор на модераторот на панелот беше: „затоа што вие не сте нападнати“. Значи, треба да делуваме „ex ante“ наместо „post festum“. За волја на вистината, не молчат, туку бараат да ги прифаќаме неправедните услови и да преговараме за нашиот национален идентитет, за нашиот јазик, нашата култура, историја, па и за нашиот уставен поредок“, рече Давкова.
Побара јасен интегративен пат, базиран на принципи и правила.
Таа изјави и дека неопходни се суштински реформи коишто ќе ги направат глобалните институции полегитимни, поправедни, поефективни и подоследни во исполнувањето на Повелбата на Обединетите нации. Советот за безбедност треба да се прошири, да се реформира и да се демократизира за биде поотчетен и поодговорен во одржувањето на меѓународниот мир и безбедноста. Генералното собрание треба да го заземе своето вистинско место на главен претставнички орган не само за дебата, туку и за креирање политики. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата мора да станат обврзувачки за сите. Само така, рече Сиљановска-Давкова, Обединетите нации ќе можат да одговорат на сегашните геополитички, економски, еколошки, климатски, технолошки и демографски предизвици.
Македонија
Тошковски на одбележување 44 години САЕ Тигар: Елитна единица која е врв во професионализам, стручност и обученост

Во касарната Илинден во Скопје, денеска се одржа свечено одбележување на 13 Март – Денот на формирањето на Специјалната антитерористичка единица – „Тигар“ и 44 години од постоењето на единицата, во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со највисокото раководство во МВР, како и високи претставници од Владата и Генералштабот на Армијата, амбасадори и полициски аташеа при амбасадите во земјава, поранешни команданти на Единицата, семејствата на загинатите припадници на Единицата и бројни гости, соработници и пријатели на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при Бирото за јавна безбедност во рамките на МВР.
Пред спомен плочата на загинатите припадници на САЕ Тигар беше положено цвеќе од страна на официјалните делегации од Владата, МВР и семејствата на загинатите припадници на единицата.
Министерот Тошковски истакна дека САЕ Тигар од аспект на професионализмот, стручноста и обученоста на своите припадници, претставува вистинска гордост како на министерството за внатрешни работи така и на цела Македонија.
„Македонија е горда на своите Тигри. Оваа високоспецијализирана полициска единица, една од најсложените во безбедносната структура на МВР, секогаш во секое време е целосно подготвена, ефикасна и обучена, технички и човечки опремена до перфектност, се со цел брзо и ефикасно извршување на специфичните и сложени задачи кои ги има во секојдневното работење.“, потенцираше министерот Тошковски во обраќањето.
Министерот Тошковски нагласи дека министерството ќе продолжи со континуираниот развој и поддршка на единицата во насока на материјално-техничко унапредување од секој аспект со цел продолжување на врвната ефикасност и ефектуирање на резултати на единицата.
Командантот на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, Драган Прокоповски ја потенцираше храброста, професионалноста и пожртвуваноста на припадниците на единицата и се заблагодари на раководството на министерството што ја препознава вредноста на единицата и ја става на врв на приоритетите во вложувањето и своите планови за унапредување и поддршка.
„Со соработка, дисциплина и професионалност, со брзо и енергично дејствување ќе останеме ударната сила на Министерството за внатрешни работи, сила која секој непријател ќе ја почитува, а секој граѓанин ќе ја доживее како гарант на мирот и безбедноста“, истакна командантот Прокоповски.
Прокоповски потсети на седумте припадници на Специјалната антитерористичка единица-Тигар кои вршејќи ја својата должност, штитејќи го уставниот поредок, мирот и безбедноста, ги загубија своите животи.
„Нивните имиња ќе бидат вечно врежани во историјата на нашата единица, а нивниот дух ќе продолжи да живее во секој припадник на оваа горда единица“, заврши командантот Прокоповски.
Од страна на припадниците на САЕ – Тигар беше реализирана и видео презентација на активностите на единицата за 2024 година, а во знак на одбележување на 44 години од формирањето на единицата беа доделени и плакети, благодарници и награда за најдобриот припадник на Единицата за 2024 година, беа доделени плакети на припадниците за 5, 10, и 20 години служба во единицата, и плакети на соработници и пријатели на единицата.
На крајот од свеченото одбележување присутните ја посетија и Спомен куќата на САЕ „Тигар“.