Македонија
Османи – Корчок: Словачка ќе се залага за кредибилитетот на ЕУ во регионот

На покана на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во работна посета на Република Северна Македонија присуствуваше министерот за надворешни и европски работи на Република Словачка, Иван Корчок, за време на која оствари средба со својот домаќин.
Посетата на словачкиот министер е во рамките на неговата турнеја по земјите од Западен Балкан и ангажмани на Словачка за обезбедување европска перспектива за регионот.
Посебно внимание во дискусиите беше посветено на евроинтегративната агенда и следните чекори кои ги очекува Северна Македонија на тој план.
„Гласната поддршка од нашите пријатели вдахнува нов оптимизам во земјава, и меѓу нас политичарите, меѓу администрацијата, меѓу прогресивните сили во земјава, одржувајќи го со тоа и европскиот кредибилитет, особено кредибилитетот на процесот на проширување“, нагласи Османи.
На средбата беа афирмирани одличните пријателски односи на двете земји, кои последните години бележат нагорен тренд во повеќе области од заемен интерес.
„Одлуката за отворање амбасада во Братислава не е само симболика, туку и суштински придонес, преку кој ќе се засили нашето пријателство, кое е во постојан подем, ќе бидеме и фактички многу поблиски, поврзани и секако поефикасни во реализација на нашите проекти“, истакна Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Бутел денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД извесуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.00 часот, корисниците од улицата Хо Ши Мин лоцирани на потегот од напојната трафостаница Бутел 2 до објектот бр. 287 Б. (општина Бутел)
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 13, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има преодно стабилизирање на времето. Од среда кон крајот на денот се очекува нов влажен и постуден бран со пообилни врнежи од дожд. Температурата ќе биде во значително опаѓање.
Македонија
Засадиле 100 семки канабис на нива во Пчиња, ОЈО отвори истрага

Започнати се постапки против дилери на марихуана во Велес и во Скопје, информираат вечерва од Јавното обвинителство. Јавните обвинители до надлежните судови доставиле предлози за определување мерка – притвор за сите тројца осомничени.
– Основното јавно обвинителство – Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик. Двајцата осомничени – соизвршители, во периодот од март до септември годинава, во атарот на велешкото село Карабуниште, неовластено произведувале марихуана. Засадиле 100 семки канабис на нива во месноста викана Пчиња, од кои изникнале 80 растенија што ги одгледувале и ги наводнувале, појаснуваат од Обвинителството.
На 27 септември, осомничените биле затекнати од полициски службеници додека собирале цвет од канабис.
– На лице место биле пронајдени машини за одвојување на цветот од стеблото, три пластични кофи со вкупно над четири килограми марихуана и повеќе вреќи со стебла од канабис, додаваат од Обвинителството.
За истото кривично дело и Основното јавно обвинителство – Скопје отворило истрага против едно лице, за кое во соопштението се наведува дека неовластено произведувало и држело за продажба наркотична дрога – марихуана.
– Во дворот на осомничениот на улицата „Кадињача“ во Скопје, полицијата пронашла две растенија канабис што ги одгледувал, а од домот биле одземени и 38 паковки со вкупно околу 30 грама марихуана и една дигитална вага со траги од канабис и кокаин, истакнуваат од Обвинителството.