Македонија
Османи на средби со дијаспората во Швајцарија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за време на работната посета на Швајцарската Конфедерација отпатува и за Сион, главен град на кантонот Вале, на средби со повеќе наши граѓани, како и со претставници на повеќе здруженија на дијаспората.
Интересите, загриженостите, но и потребите на дијаспората, комуникацијата со државата, достапноста на услугите што ги користат граѓаните во странство, потенцијалите за нивно враќање во Северна Македонија, но и текот на попишување на тамошната дијаспора во рамките на пописот 2021, беа дел од низата теми на дискусија за време на средбите.
„Резултатите од пописот ни требаат за да имаме основа за донесување развојни политики засновани врз прецизни податоци, кои повторно ќе им бидат од директна полза на граѓаните, од полза на нашата дијаспора“, истакна Османи.
Министерот потенцира дека оваа дијаспора, нејзината интегрираност во швајцарскиот систем, е огромна можност за продлабочување на соработката со матичната држава преку разни проекти и соработка, што ќе биде од голема полза за развојот на Северна Македонија.
„Според некои податоци, околу 70.000 граѓани на Република Северна Македонија живеат и работат во Швајцарија, од кои речиси 30.000 имаат добиено швајцарско државјанство, но пописот треба да ја покаже вистинската бројка, но и многу други податоци, преку кои ќе можеме да ги засилиме врските и да креираме политики, ориентирани кон засилена соработка со дијаспората“, нагласи Османи.
Министерот ги запозна иселениците и со проектите што Министерството за надворешни работи ги презема за унапредување и олеснување на комуникацијата со дијаспората, како што е проектот „Е-конзулат“, со кој се предвидува дигитализација на поголемиот број услуги кои им се од важност за нашите граѓани што се наоѓаат во странство.
Османи од Швајцарија патува за Мадрид, каде што ќе има средба со својот домаќин, министерката за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Шпанија, Аранча Гонзалес Лаја. Османи во Мадрид ќе се сретне и со Аурора Мехија, директор за Европската Унија и главен советник во кабинетот на претседателот на владата, Педро Санчез, а ќе има средба и со претседателот на Комисијата за надворешни работи во Сенатот, Антонио Гутиерез Лимонеси. Во рамките на престојот во Мадрид, Османи ќе се сретне и со генералниот секретар на Светската туристичка организација, Зураб Пололикашвили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

