Македонија
Османи: По 20 дена, сѐ уште без аргумент против суштината на преговарачката рамка со ЕУ
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, преку видеопорака се обрати до граѓаните заблагодарувајќи се за коментарите и за дискусијата, која се поттикна од видеото што тој сними пред 20 дена.
Во тоа видео министерот сликовито ја објаснуваше суштината на преговарачката рамка со Европската Унија. Договорите со соседите, особено договорот со Бугарија и прегледите од член 12 од договорот, не се дел преговарачката рамка, рече тогаш Османи. Во денешното видео министерот вели дека и по дваесет дена, сè уште нема аргументи против ова тврдење и уште еднаш потврдува дека овие сегменти не се дел од преговарачката рамка и за нив нема гласање од страна на земјите членки на Европската Унија.
Според Османи, неговиот обид искрено да ја претстави преговарачката рамка, преку визуелно испишување на нејзините составни делови, бил со цел да поттикне дебата, која ќе биде фокусирана на вистината и преку која објективно ќе се презентираат фактите.
„Сепак, забележливо е дека иако имаше многубројни коментари, ниту еден не даде опиплив аргумент за да ги побие фактите што ги презентирав. Основната порака останува непроменета: договорите со соседите и прегледите не се дел од посебните сегменти на преговарачката рамка, каде што има писмено известување и гласање од страна на земјите членки“, вели Османи во видеото.
Министерот уште еднаш повика доколку постојат спротивставени ставови, тие да бидат презентирани со аргументи и со искрен пристап преку кој ќе се покаже дека навистина се грижиме за иднината на државата.
„Искрениот дискурс ја зајакнува нашата демократија. Го почитувам секој од вас, без разлика дали сте се согласиле со методот или не. Нашата крајна цел е посветла европска иднина за Северна Македонија и верувам дека заедно со отворен дијалог и со факти можеме тоа да го постигнеме“, вели Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.