Македонија
Османи: Регионот мора да се издигне над предизвиците на пандемијата

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на редовниот министерски состанок на земјите членки на Централно европската иницијатива (ЦЕИ), посветен на изнаоѓање начини за поуспешно прилагодување кон новата нормалност во сегашниот и постковид период.
„Пандемијата покажа колку сме како земји ранливи соочени со предизвиците на Ковид-19, особен ние, земјите од Југоисточна Европа, но во исто време, пандемијата покажа дека имаме и волја и капацитет за европски пристап во справувањето со овие предизвици, преку ефикасна меѓусебна соработка, како и соработка со институциите на Европската Унија“, истакна Османи, посочувајќи притоа на регионалните предизвиците кои следат: овозможување слободно патување на граѓаните и непречено одвивање на транспортот; зајакнување на трговијата и отворање на туристичките капацитети како сегмент на економската соработка; па сè до размена на информации и најдобри практики во рамките на здравствените протоколи, и епидемиолошките сознанија.
„Како нова Влада, како највисок приоритет на нашата надворешна политика ги поставивме добрососедските односи, со особен акцент кон интензивирање и поддршка на регионалната соработка, што соодветствува со темата и на актуелниов форум“, истакна Османи, потенцирајќи притоа дека регионалната соработка треба да се гледа низ призма на и во насока на поддршка на политиката на проширување на Европската Унија кон земјите од Западниот Балкан, за што изрази надеж дека ќе остане приоритет на Унијата и во претстојниот период.
Во своите обраќања, Министрите потенцираа дека главен приоритет во справувањето со пандемијата останува здравјето на граѓаните и минимизирање на последиците врз здравствените системи, но истовремено беше потенцирано дека рестартирање на економијата и адресирање на социјалните импликации од економскиот пад, стануваат клучни предизвици за воспоставување на новата нормалност.
Министерската видеоконференција е дел од редовните годишни состаноци организирани од страна на претседавачите со иницијативата. Покрај министрите за надворешни работи од 18-те земји членки на Иницијативата, на Конференцијата учествуваа и други високи претставници на Европската банка за обнова и развој, Светската здравствена организација, Советот на Европа, ОБСЕ, Регионалниот совет за соработка како и Комесарот за соседство и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.