Македонија
Османи-Токајев: ОБСЕ останува единствена платформа за дијалог и покрај безбедносните предизвици
Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи во рамки на неговата посета на Астана, денеска имаше средба со претседателот на Казахстан, Касим Јомарт Токајев.
Османи и Токајев разговарале на повеќе теми како: соработката на властите во Казахстан со ОБСЕ и нејзината Проектна канцеларија во Астана, внатрешните прашања на земјата и реформските процеси што се во тек, како и на актуелни теми поврзани со меѓународната соработка и состојбите во поширокиот регион на Централна Азија.
„Казахстан има активна улога во ОБСЕ и нејзината посветеност кон принципите на Организацијата е од големо значење и придонесува за зајакнување на улогата на ОБСЕ во регионот на Централна Азија. Во таа насока, ОБСЕ ќе продолжи да ја поддржува земјата, вклучително и во напорите за справување со безбедносните предизвици предизвикани од влијанието на ситуацијата во Авганистан, но и во спроведувањето на реформската агенда“, истакна Османи на средбата.
ОБСЕ останува да служи како единствена платформа за дијалог и покрај невидените безбедносни предизвици во поширокиот регион на ОБСЕ и затоа ги охрабрувам властите на Казахстан да продолжат да ја користат нејзината поддршка, рече Османи на средбата со Токајев.
„ОБСЕ преку својата експертиза и ресурси ќе продолжи да дава поддршка за спроведување на реформите, особено во областите на добро владеење, заштита на животната средина, економско зајакнување на жените, борба против семејното насилство и трговијата со луѓе и родовата еднаквост“, рече Османи.
Покрај во овие области, ОБСЕ ќе продолжи да го поддржува Казахстан и во промовирањето на регионалното поврзување, зајакнувањето на енергетската безбедност, антикорупцијата и во спроведувањето на медиумските и судските реформи, рече Османи на средбата со казахстанскиот претседател Токајев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.