Македонија
Османи: Успешно се имплементира проектот за зајакнување на НАТО капацитетите на МНР поддржан од Обединетото Кралство
Министерот за надворешни работи Бујар Османи заедно со амбасадорот на Обединетото кралство, Метју Лосон имаа завршни обраќања пред учесниците во НАТО обуката, што се спроведува во рамки на проектот за зајакнување на капацитетите на Директоратот за НАТО при Министерството за надворешни работи, поддржан од Обединетото Кралство.
Пред учесниците во обуката, Османи изрази благодарност за континуираната британска поддршка за менторство и градење на капацитети.
„Драго ми е што корист од овој проект имаа и други институции, што воедно е и негова цел – да создаде институционална и поединечна свест дека ангажманот, посветеноста и придонесот во НАТО треба да бидат одржливи во иднина. Како земја членка на НАТО, особено значајно е да се покажеме како кредибилен партнер на нашите сојузници од НАТО, а тоа е можно преку градење капацитети и вложување во човечкиот капитал”.
„Ми беше заедоволство што заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи ги поделивме сертификтите на службениците од државните институции кои ја завршија обуката на НАТО поддржана од Обединетото Кралство. Целта на обуката беше да се обезбеди советување, поддршка и унапредување на капацитетите и способностите во институциите релевантни за НАТО, со цел да се извлече максимумот од нивниот ангажман преку одржливи политики, процеси и процедури во рамите на Министерството за надворешни работи и други институции на ниво на Владата. Обуката беше усогласена и изведена од вредностите и стандардите на НАТО за ефективно и демократско цивилно управување во безбедносниот сектор. Поддршката која ја обезбедуваме за Северна Македонија како блиски НАТО партнери и сојузници ќе продолжи и во иднина” рече амбасадорот, Лосон .
Имплементацијата на проектот се фокусира на зајакнување на човековиот потенцијал, политиките на НАТО, како и процесите и обврските кои произлегуваат од нашето членство во НАТО, а кои треба да овозможат наш долгорочен и зајакнат придонес како земја членка на Алијансата.
Османи и Лосон го поздравија неодамнешното формирање на Советот за координација на активностите поврзани со членството во НАТО, кој е составен од сите релевантни институции кои се вклучени во процесот на имплементација на обврските од нашето членство во НАТО Алијансата, најавувајќи дека наскоро ќе се одржи неговата инаугуративна седница.
По нивните обраќања, Османи и Лосон им доделија признанија на учесниците на обуката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.