Македонија
Изложба на фотографии од балканскиот рис во Галичник: останати се уште помалку од 50 единки од овој критично загрозен вид

Македонското еколошко друштво вчера во Галичник ја отвори изложбата на фотографии од балканскиот рис.
Изложбената поставка содржи 21 фотографија од балкански рисови фотографирани во Македонија, Албанија и Косово.
Пред присутните се обрати раководителот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, Диме Меловски, кој објасни дека денес во дивината се останати уште помалку од 50 единки од овој критично загрозен вид.
Многубројната публика го искористи присуството на тимот на Македонско еколошко друштво за да ги прошири своите знаења за балканскиот рис.
Програмата за закрепнување на балканскиот рис, која делува во рамки на МЕД, следната година одбележува две децении постоење и посветена работа. Таа беше првиот поттик за систематско мониторирање и истражување на овој вид, со крајна цел да се обезбеди неговиот опстанок.
Балканскиот рис е апекс-предатор, без природни непријатели во животинскиот свет. Неговиот најголем непријател е човекот – преку криволов или индиректно, преку уништување на шумите, со што се загрозува неговото живеалиште и се поттикнува неговото исчезнување.
Во хотел „Неда“ ќе биде достапна за посета до 31 август, а влезот е бесплатен. Изложбата има патувачки карактер, таа ќе биде претставена и во други места низ Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.