Македонија
Отворена канцеларија на граничната меѓуагенциска единица
Денес, на Меѓународниот аеродром „Скопје“ свечено беше отворена канцеларијата на граничната меѓуагенциска единица, поддржана од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC).
Граничната меѓуагенциска единица е составена од висококвалификувани царински и полициски службеници со посебни овластувања, чија примарна задача и цел ќе биде таргетирање и справување со случаи на сомнителни патници и пратки од воздушниот сообраќај.
На свеченото отворање на канцеларијата се обратија заменик-претседателот на Владата, г-ѓа Славица Грковска, министерот за внатрешни работи, г. Оливер Спасовски, директорката на Царинската управа, г-ѓа Славица Кутиров, директорот на „ТАВ Македонија“, г. Метин Батак, и шефот на регионалната Канцеларија на Обединетите нации за дрога и криминал, г. Бил Вуд.
Директорката на Царинската управа во своето обраќање истакна дека воспоставувањето на граничната меѓуагенциска единица е резултат на долготрајната и посветена соработка помеѓу Царинската управа и Министерството за внатрешни работи и Граничната полиција.
Преку спроведување процедури базирани на примена на анализа на ризиците оваа единица ќе работи на откривање и пресретнување патници и стоки со висок ризик како поддршка на службите со посебни овластувања во Царината и МВР при спроведувањето на активностите за справување со сите форми на недозволена трговија, криминални и коруптивни дејства.
За успешното формирање на оваа единица, директорката изрази благодарност за поддршката од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал – UNODC и „ТАВ Македонија“.
Во знак на добрата соработка и одбележувањето на јубилејот 30 години Царинска управа, на зелениот коридор пред влезот на аеродромската зграда симболично беа засадени три дрвца од страна на Царинската управа, Министерството за внатрешни работи и „ТАВ Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

