Македонија
Отворен е конкурсот за годишните награди на ЗНМ
Здружението на новинарите на Македонија традиционално секоја година доделува две награди за новинари, наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело и наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство. Од претходната година, по одлука на Управниот одбор, ЗНМ доделува уште една награда за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење за новинари од внатрешноста на РС Македонија.
За наградата за животно дело кандидатите може да се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари. Во пријавата, освен личните податоци на кандидатот и кратка биографија, се доставува и образложение за остварувањата на кандидатот што оставиле посебна трага во македонското новинарство.
Кандидатите за годишната награда за истражувачко новинарство се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари. Медиумските продукти треба да бидат сериозни новинарски истражувања објавени во текот на 2019 година во медиумите во РС Македонија, посветени на важни прашања за пошироката заедница. Приказните треба да откриваат злоупотреби на власта и моќта, како и кршење на човековите права и слободи. Тие треба да бидат оригинални и поткрепени со факти проверени од разни извори на информации. Пријавата може да содржи најмногу два новинарски продукта, кои се објавени во текот на минатата година.
За наградата за најдобро новинарско известување на теми од локално и регионално значење за 2019 година се пријавуваат новинари што имаат објави во локални или регионални медиуми или се дописници на национални медиуми во државата. Пријавата и за оваа категорија може да биде поднесена од самиот новинар или по предлог на тројца колеги. И за оваа награда новинарите може да аплицираат најмногу со два новинарски продукта, кои биле објавени во текот на минатата година.
Во апликацијата за наградата за истражувачко новинарство и новинарско известување на теми од локално и регионално значење потребно е да стои функционален линк од објавата, а доколку се доставува во печатена форма материјалот треба да биде испечатен или снимен на ЦД/УСБ.
Пријавите треба да се достават до ЗНМ најдоцна до 12 февруари 2020 година, и тоа: електронска пошта на: [email protected] по препорачана пошта, адресирани на: Здружение на новинарите на Македонија, Градски ѕид, блок 13, 1000 Скопје, РСМ, или лично во канцеларијата на ЗНМ.
Пријавите треба да бидат означени: „За награда“ во предметот на електронската порака или напишано на ковертот.
На добитникот на награда за животно дело ќе му се додели плакета, а за најдобрата истражувачка сторија и за наградата за најдобро новинарско известување на теми од локално и регионално значење за 2019 година наградените ќе добијат плакета, како и парични награди во износ од 1.000 евра од награда.
Изборот на добитниците ќе го изврши комисија за доделување на наградите на ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

