Македонија
Отворен нов Дневен центар за деца и млади со интелектуална попреченост во Скопје
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска присуствуваше на отворањето на новиот Дневен центар за деца и млади со интелектуална попреченост при Јавната установа Завод за рехабилитација на деца и млади, Општина Бутел -Скопје.
Министерката Шахпаска истакна дека новиот Дневен центар е целосно реконструиран објект согласно европски стандарди. Во изјава за медиумите таа потенцираше дека во центарот работат стручни лица кои изработуваат индивидуални планови согласно потребите на секој од корисниците на Дневниот центар, но и заеднички активности со цел секој од нив успешно се вклопи во општеството.
„Процесот на деинституционализација не значи само извлекување на корисниците во мали групни домови, тој значи и приближување на социјалните услуги во заедницата. Заедно со нашите европски партнери работиме на план со кој што Заводот за рехабилитација во Топанско Поле ќе го транформираме во еден европски современ објект кој ќе понуди лепеза од услуги за корисниците“, посочи министерката Шахпаска.
Директорот на ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци, Фатмир Ејупи, информираше дека установата е целосно трансформирана од почетокот на минатата година и своето работење го има усогласенo со новиот Закон за социјална заштита. При тоа, истакна дека работата е организирана во неколку служби кои се состојат од оддели.
Една од тие служби е и Службата за дневно згрижување на корисници во рамки на која работaт три оддели: за прием, дневен престој и индивидуален третман на корисници од 7 до 14 години, за дневно згрижување на корисници од 14-26 години и за дневно згрижување на корисници над 26 години.
„Основна цел на социјалната услуга за дневно згрижување на младите лица со попреченост во рамки на Одделот за дневно згрижување на корисници од 14 до 26 години е унапредување на квалитетот на живот на младите лица со попреченост, директна стручна помош на нивните семејства, како и сензибилизација на заедницата заради разбирање, прифаќање, вреднување и создавање на еднакви можности за сите граѓани на локалната заедница“, потенцираше директорот Ејупи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

