Македонија
Отворен третиот Истражувачки филмски фестивал

Третиот Истражувачки филмски фестивал, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, беше отворен вчеравечер во киното „Култура“. На првиот ден се обратија новинарката Ана Јакимовска, докторка на науки од областа на вештачката интелгиенција, која има работено во престижни британски медиуми како „Гардијан“, „Скај њуз“, Би-би-си и „Ченл 4“, и Марија Фернанда Лаурет од „Контраст“, која работи виар-новинарство.
„Уште додека студирав, беше јасно дека дигиталната ера ќе ја наруши секоја сфера од општеството, од финансиите, здравствениот систем до медиумите. Па кога помислив во кој дел може јас да дадам најголем придонес, секако дека тоа беа медиумите. Ова е и многу возбудливо време за работа со медиуми затоа што алатките се лесни за користење, а досегот до публиката е побрз и поопсежен од кога било претходно, на пример, на телевизијата ѝ беа потребни 68 години за да дојде до 50 милиони гледачи, а оваа бројка на корисници ‘Твитер’ ја достигна за само две години“, рече Јакимовска на дискусијата.
Taa додаде дека новинарството може апсолутно да преживее во оваа ера, но само вака:
„Апсолутно, може да преживееме во оваа ера, но новинарите мора да бидат подобри од интернетот. Тоа е голем предизвик, но тие мора да останат доследни на овој предизвик. ‘Интернетот е злобен, ни ја уништува работата’, со ваква мисла не може да победиме во играта. Тие мора да ѝ докажат на публиката што ги гледа дека знаат за што зборуваат, ги разбираат нештата и дека може да работат во синергија со технологијата“, рече Јакимовска.
Фернанда Лаурет објасни што значи виар-новинарството.
„Виртуелната реалност има навистина друг тек на работа. Многу сме зависни од технологијата. Работата вклучува многу етички прашања, мора да сме многу вниумателни кога снимаме и на луѓето од околината јасно да им се објасни дека се снима со 360 камера бидејќи таа практично го снима целиот простор, нема рамка. Работиме на многу важни теми, како, на пример, проблемите на бегалците. Виртуелната реалност овозможува да го почувствувате просторот, па гледајќи ги бегалските кампови, на пример, ја доживувате таа клаустрофобија. Едноставно, со помош на виртуелната реалност ги носиме гледачите во животите на луѓето, кои се дел од важни општествени теми“, рече таа.
Фестивалот го отворија Кристина Озимец, главен координатор на ИФФС, и Милан Живковиќ од „Фридрих Еберт Скопје“, кои се партнери на фестивалот.
На вториот фестивалски ден ќе се дискутира на темата „Студентски и младински новинарски иницијативи – потенцијалот на неформалното новинарско образование“. Гости на дебатата ќе бидат: Емилија Петреска, Сефер Селими, Ангела Петровска, Милена Атанасоска-Манасиева, а ќе ја модерира Даниел Евросимоски.
Потоа следуваат дури три работилници – „Новинарство со виртуелна реалност за заштита на правата на бегалците“, „Н3MAМ ШТ0 ДА КРИЈАМ“ и „Инстаграм за новинари“.
Во 17 часот е закажана проекција на филмот „Мрачно место“, а потоа во 18 часот следува дискусијата за програмата за жени новинарки, можности за промени во медиумската сфера.
Во 19 часот е закажана дебата на темата: „Владината борба против дезинформации – можност за цензура, неопходен чекор или само план на хартија?“ Гости на дебатата ќе бидат: Џелал Незири, Назим Рашиди, Жанета Трајкоска, Александар Србиновски, Зоран Бојаровски, а ќе ја модерира Васко Маглешов.
Во 20.30 часот е проекцијата на филмот „Времето на децентрализиран интернет доаѓа“, а со проекцијата на документарниот филм „Чистачите“ во 20.45 часот ќе биде затворен вториот фестивалски ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.