Македонија
Отказ добија 15 високи полициски функционери, кои незаконски давале дозволи за поседување оружје
Петнаесет високи полициски функционери добија решенија за отказ бидејќи работеле спротивно на законот и нелегално издавале дозволи за поседување оружје, обелодени министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Министерот на денешната прес-конференција рече дека лично до него и кабинетот стигнале претставки од граѓани за начинот на кој во МВР биле спроведувани постапките за издавање дозволи за поседување оружје.
„По извршена темелна истрага од страна на комисија, која спроведе ревизија за претставките, се констатира дека кај огромен број предмети, над 5.000, не било постапувано во минатото, а притоа голем број предмети, во кои апликантите не исполнувале услови, биле позитивно оценувани и им била давана дозвола за оружје“, рече Тошковски.
Министерот објасни дека селективно се постапувало само за предмети за кои интерес имал конкретен полициски функционер да даде наредба, а тоа не се правело хронолошки. Вториот пробелем, рече Тошковски, се однесува на конкретни лица што не посадувале законски услови кога им биле давани дозволите.
Тошковски најави дека во наредниот период ќе следуваат и кривични пријави за оние за кои постојат докази дека сториле кривично дело.
За решавање на проблемот, кој со години бил таложен, создадена е дигитална алатка, која ќе овозможи неселективен и системски пристап кон дозволите за поседување оружје, најави министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Директорот на Бирото за јавна безбедност, Јанев на кондиционен марш на Единицата за брзо распоредување
Денеска, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев учествуваше на кондиционен марш, организиран од страна на припадниците на Единицата за брзо распоредување.
Активноста беше организирана согласно годишната програма за обука на припадниците на Единицата за брзо распоредување, за зголемување на физичката подготвеност на припадниците на единицата.
Кондициониот марш беше изведен од објектот на Одделот за обезбедување на определени личности и објекти преку Средно Водно до Милениумскиот крст на Водно.
Македонија
(Видео) Попов: Со новиот буџет има повеќе пари за повисок младински стандард
Во текот на денешната Комисија за финансирање и буџет за 2025 година, од собраниската говорница се обрати и Сергеј Попов, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кој потенцира дека новите буџети и ребалансите на истите претставуваат одлична прилика да се согледаат намерите на една влада кон одредените таргет групи и колку се тие реални или паушални ветувања.
Според него ова претставува исклучителна прилика за согледување на разликите во односот кон младите и младинскиот стандард помеѓу изминатиот период додека владата беше предводена од СДС и сега, кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт.
„Порано, драги млади и почитувани пратеници, многу се ветуваше, ништо не се реализираше, а не се реализираше затоа што ветувањата се даваа паушално без за тоа да се обезбедат средства во буџетот, што неминовно не води до констатацијата дека младите седум години биле манипулирани“, концизен е Попов.
Тој појаснува дека во изминатите 7 години државата за едни беше мајка, а за други маќеа и дека сите пресови, реакции и поднесени амандмани беа за бадијала зошто Владата предводена од СДС парите за младите сепак ги насочуваше за други ставки преку кои се богатеа одредени поединци од власта.
„Затоа изборите завршија како што завршија и затоа поддршката од младите за Социјалдемократскиот сојуз е толкава колкава што е или во превод, на ниво на статистичка грешка. Почитувани, младите се почитуваат со дела, а токму овој буџет со сигурност ќе донесе повисок младински стандард, а сега дозволете ми со факти да презентирам и зошто“, вели Попов.
Во овој контекст, Попов појаснува дека Владата на ставката студентски стандард предвидува средства кои се за 18% повеќе споредно со буџетот за 2024 година, додека пак за ученичкиот стандард се предвидени 12% повеќе во однос на буџетот од минатата година, кој беше креиран од другата влада и за ставката високо образование 17% повеќе споредено со претходниот период.
Тој исто така напоменува дека веќе е отпочната реконструкцијата на студентските домови и во текот на наредната година истите ќе бидат ставени во функција, а истовремено се предвидува и реконструкција на средни училишта.
Македонија
Времето утре – променливо облачно со сончеви периоди
Времето утре претпладне ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне облачноста ќе се намали и до крајот на денот времето ќе биде ведро. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец, особено претпладне. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 10 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
До вторник времето ќе биде стабилно со студени утра. По одделни котлини ќе има појава на магла и пониски дневни температури. Нов влажен бран се очекува во среда кон крајот на денот.