Македонија
„О2“ апелира до пратениците да ја изгласаат забраната за увоз на отпад што се согорува

Иницијативата за чист воздух „О2“ апелира од пратениците во Собранието да ја изгласаат предлог-измената на Законот за управување со отпадот. Со измената нема да се дозволи увоз на отпад што може да се користи како извор на енергија, односно да се согорува.
„Последните случувања во Бугарија само ја потврдија основата зошто бараме забрана за увоз на отпад како извор на енергија. Организирани криминални структури вршат трговија со отпад, каде што се фалсификуваат податоци, лабораториски вредности, тоа што е декларирано не соодветсвува со тоа што е внатре во спакуваните бали, има измешано опасен отпад, медицински отпад, отпадот се остава на несоодветни места итн. Италијанската мафија оперира во балканските земји со трговијата со отпад. Сите истраги и запленувања на отпад се случуваат во ЕУ-членки, што само укажува на големината на проблемот и ранливоста на нашата држава со немање соодветна контрола на царина, соодветни инспекциски служби, лаборатории, судски постапки, со кои би се заштитила.
Аргументите дека треба да им веруваме на индустриите што презентираат нивни мерења на емисии на загадувачки супстанции ги побива примерот со случајот во Словенија, повторно ЕУ-членка, каде што по 10-годишна борба се затворила цементарницата во Трбовле, која како гориво користела, меѓу другото, и петрол кокс и отпад, исто како и нашата цементарница. Цементарницата во Трбовле ги штелувала вредностите на емисиите, дури и ги бришела кога биле повисоки од дозволеното. Регионот Засавје во Словенија, каде што е цементарницата, има највисока стапка на заболени од канцер. Активистот за долгогодишната борба ја добил Голдмановата награда за животна средина за неговата заложба на организирање на локалното население во одбарана на човековото право да дише чист воздух.
„Усје“ од континуирани мерења со автоматски мониторинг-систем на 11 испустни места дава податоци за јавност од само две мерни места, и тоа среднодневни вредности, кои немаме можност да ги провериме реално онлајн. „Усје“ има обврска да врши мерења на одредено место на надворешниот воздух, но и тие податоци не ги објавува. Кога би се објавиле сите податоци и во реално време онлајн, би оделе мерењата од 11-те автоматски станици, би се видело дали, колку и кога има зголемени испуштања на загадувачки супстанции во воздухот.
„Усје“ како гориво користи фосилни горива (јаглен, нафтени шкрилци, лигнит, петрол кокс, антрацит, мазут, гас), но и алтернативни горива, односно отпад. Според дозволата, може да користи отпад од разни индустрии, како текстилната, искористени возила, разен отпад, запалив отпад, пластика, пакувања, мил од миење и чистење, дрвен отпад, отпад од преработка на дрво и производство на панели и мебел, отпад од преработка и производство на хартија, пулпа, механички обработен отпад, итн. Дозволено ѝ е да гори 25.000-35.000 тони отпад годишно како алтернативно гориво, 25-35 отсто од вкупната количина гориво. Притоа потребно е да ги мери само еднаш-двапати годишно во зависност дали гори отпад помалку или повеќе од 6 месеци во годината, количините ослободени токсични и канцерогени диоксини и фурани, тешки метали, како кадмиум, талиум, жива, антимон, олово, хорм, кобалт, бакар, манган, никел, ванадиум, хлороводород, флуороводород.
Научно е утврдено дека методот на мерење еднаш-двапати во годината воопшто не ја дава точната слика за количината ослободени диоксини и фурани, на тешки метали. Потребен е автоматски континуиран мониторинг на диоксините и фураните за да се види реалната слика на ослободените емисии во воздухот.
Ниту имаме контрола на отпадот што го увезуваме, не знаеме што точно ни влегува во земјата ниту, пак, знаеме што и во која количина се ослободува при неговото согорување.
Во Италија помеѓу јануари 2017 и мај 2018 извршени се 54 истраги за организирана илегална трговија со отпад, каде што нашле дека повеќе од 4,5 милиони тони токсични супстанции не биле соодветно декларирани како опасен отпад. Ова е профитабилен бизнис за италијанската мафија. Се наведува дека, наместо да платат 60.000 евра за легално одлагање еден контејнер од 15.000 тони опасен отпад, тие за 5.000 евра го одлагаат нелегално во Источна Европа или Азија. Во најголем дел од Европа брокерите им плаќаат на цементните фабрики стотици евра за тон отпад, кој потоа се согорува, но цементните фабрики во Романија и другите земји на Балканот го прават тоа за многу пониски цени, за 10 до 50 евра од тон.
Од сите наведени причини, каде што нашето здравје мора да биде пред сè, апелираме до пратениците, кои се нашиот глас, гласот на народот, во Собранието да ја изгласаат предлог-измената на Законот за управување со отпадот, со што ќе се забрани увозот на отпад што се согорува во нашата земја“, велат од „О2“ преку соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.