Македонија
„О2 Иницијатива“: Итно да се поништи криминалното конзерваторско мислење за комплексот згради кај Воена болница
„После три месеци од издавањето, уште е важечко криминалното позитивно конзерваторско мислење издадено од поранешен директор кој е во притвор како соучесник во злосторничко здружение и ниту една институција не постапува по поднесените претставки за запирање во целост од негово извршување и барања за огласување на ништовно“, реагираат од еко-организацијата „О2 Иницијатива“ за парцелата кај Воена болница во скопската општина Карпош.
Од таму велат дека „не смее со непостапување да се аминува криминалот кој постојано ни се случува“.
„Бараме правда веднаш! Бараме Министерството за култура итно да постапи по нашата претставка поднесена пред повеќе од два месеци, лани на 28 ноември, за запирање во целост од извршување на криминално издаденото позитивно конзерваторско мислење од 8 ноември 2023 и по нашиот предлог поднесен на 12 декември 2023 за огласување на ништовно на ова конзерваторско мислење кое е издадено со цел да даде зелено светло за градење на комплексот на згради П+1, П+10, П+16+Пк и П+17+Пк со 419 стана плус деловен простор, со 2.000 жители и најмалку 1.000 возила“, велат од „О2 Иницијативата“.
Тие бараат Управниот одбор на НУ Конзерваторски центар – Скопје ургентно да постапи по нивниот предлог за огласување на ништовно на ова конзерваторско мислење.
„Бараме сегашната директорка на Национална Установа Конзерваторски Центар – Скопје, Љиљана Китановска, да се заложи за ставање во сила на првичното издадено негативно конзерваторско мислење за овој објект и го прогласи за ништовно сегашното позитивно кое воопшто не е согласно Правилникот за формата и содржината на конзерваторското мислење и во кое не се воопшто наведени режимите на заштита за градежната парцела и не е наведено дека објектот (комплексот на згради) е во согласност со режимите на заштита, што е суштина и цел на конзерваторското мислење“, се наведува во реакцијата на „О2 Иницијатива“.
Од таму посочуваат дека северниот дел на градежната парцела со површина од околу 1.690 м² влегува во границите на Споменикот – Воена болница и има режим на заштита од втор степен.
„Ова подразбира нови објекти со габарит и катност прилагодени на вредностите и значењето на доброто, изведување на сите интервенции според конзерваторски проекти каде треба да се почитува и доминанатната класа на намени В – Јавни институции, утврдена со ГУП на град Скопје 2012-2022. За ова е потребно обезбедување Конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство, како услов за издавање на одобрение за градење“, забележуваат еко-активистите.
Јужниот дел на парцелата со површина од околу 2.880 м², наведуваат од „О2“, е во границите на Контактната зона на Споменикот и има режим на заштита од трет степен, што подразбира можност за доградба и надградба на постојните објекти и изградба на нови објекти, со габарит и катност што нема да ги нарушуваат визурите на Споменикот – Воена болница во Скопје.
„Поребно е да се обезбеди Конзерваторско мислење од НУ Конзерваторски центар – Скопје, како услов за издавање на одобрение за градење. Овие два различни делови од градежната парцела имаат различен режим на заштита, а објектот истовремено треба да се гради и во границите на Споменикот – Воена болница во Скопје и во границите на неговата Контактна зона, за што се водат различни постапки за одобрување. Ништо од ова не е испочитувано! Како резултат имаме само едно криминално позитивно конзерваторско мислење кое е уште на сила!“, потенцираат од „О2 Иницијатива“.
„Поранешниот директор на НУ Конзерваторски Центар – Скопје, Константин Димитровски, кој моментално е во домашен притвор како соучесник во злосторничкото здружение за уривањето на хотелот „Шар Ан“ кој со законот е прогласен за културно наследство“, велат, „не го потпишал издаденото негативно конзерваторско мислење од неговата установа, што значеше стопирање на градбата на комплексот на згради“.
„Тој е воедно и член на Комисијата за урбанизам на општина Карпош, каде го одобрил и дава позитивно мислење за урбанистичкиот проект за комплексот згради. Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски бурно реагира откако дознава дека е издадено негативно конзерваторско мислење, што значи дека не смее да се издаде одобрение за градење и се заканува дека нема да може тоа така. Бившиот директор потоа формира комисија од тројца и тие го издаваат бараното позитивно конзерваторско мислење кое воопшто не е согласно Правилникот за формата и содржината на конзерваторското мислење и со тоа зградите може да продолжат да се градат“.
„Oва се прави во име на инвеститорите на комплексот на згради, „ЗСФ КОМ“, еден од најмоќните градежници во земјава, Фатмир Етеми и „Делта 2015 Констракшн“, која до лани беше во сопственост на Орка Холдинг на семејството на Орце Камчев, кога се продава за 5 милиони евра и недвижен имот во вредност од 8 милиони евра од новата градба, што претставува 25% од објектот, на Специјал Градба во сопственост на бизнисменот Кочо Стојчески, кој претходно е партиски вработуван од СДСМ во Паркови и зеленило, Министерство за одбрана, Министерство за правда и во Општина Центар како градежен инспектор“, реагираат од „О2 Иницијатива“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

