Македонија
Павле Трајанов бара промена на изборниот модел во една изборна единица
Демократскиот сојуз како дел од победничката коалиција што ја предводи СДСМ, на мандаторот за состав на Владата, Зоран Заев, му предлага во програмата за работа на Владата да се вградат и приоритетите од Изборната програма на ДС.
1. Правна сигурност како основен предуслов за економски развој, странски и домашни инвестиции
Уставни промени со кои ќе јакне самостојноста на законодавната, извршната и судската власт, ефикасен систем за одговорност на носителите на јавни функции и важење на законите подеднакво за сите граѓани.
„Во оваа насока предлагаме коренита реформа на судскиот систем како гарант за владеење на правото, ревизија и реизбор на сите судии и обвинители, кривична одговорност за злоупотреба на судската и јавно обвинителската функција, детектирање на скриениот имот на судиите и сл.
Системски промени за целосна департизација и деполитизација на институциите надлежни и одговорни за откривање и гонење на криминалот, како и за остварување на основните човекови права и слободи. Во овој правец предлагаме целосни безбедносни проверки за секој припадник на МВР, АНБ, АР, военото разузнавање и припадниците на другите институции кои работат на откривање на криминалот.
Реформи за целосно ослободување на бизнисот од влијанието на власта и остварување на функционална пазарна економија. Да се обезбеди целосна слобода на говорот и изразувањето на сопствен став и мислење. Вистински слободни, професионални и одговорни медиуми, преку системски промени кои ќе ја гарантираат нивната самостојност, објективност и независност“, соопшти партијата.
2. Робусна борба против криминалот, конфискација на имотот стекнат на криминален начин или со користење на влијанието на власта, забрана на политичко дејствување од најмалку 10 години за секој кој ја злоупотребил довербата на граѓаните
Основа на ефикасната борба против криминалот да биде проектот „ДЕКРИ“ со кој ќе отвориме војна против сите кои во изминатите 30 години го ограбија народот, вклучително и мафијата која ги труе граѓаните со енергенси и опасен отпад. Предлагаме во првите три месеци од формирањето на Владата на РСМ да се донесе нов закон за борба против организираниот криминал и корупцијата, велат од ДС.
3.Промена на изборниот модел заради подемократско и полегитимно претставување на граѓаните во парламентот
Демократскиот сојуз предлага во првите три месеци од формирањето на Владата на РСМ да се промени Изборниот закон со што Македонија ќе биде една изборна единица и ќе има отворени листи. Да се намали бројот на министрите во Владата за 30 отсто и да се укинат поголемиот број на паралелните агенции, регулаторни тела, разни дирекции и сл.
„Предлагаме укинување на пржинската влада и формирање на експертска влада од државната администрација, експерти од соодветните области, од науката и бизнисот, со мандат од дваесет дена, додека трае изборната кампања“, велат од партијата.
4. Посебна стратегија за младите со која ќе се овозможи младите да имаат избор дали ќе останат во Македонија или ќе заминат во странство
„Предлагаме 2 отсто од буџетот да бидат наменети за отворање на бизнис од младите. Секој кој ќе заврши високо образование ќе може година дена да работи во приватна или во државна компанија со плата од 500 евра од буџетот на државата. Да има бескаматни кредити за стан или куќа и едукација на младите за отварање нов бизнис. Македонија да биде земја на информатиката. Да се создадат поволни услови за отворање на над 30.000 мали компании во кои ќе се вработат над 100 илјади млади стручни кадри. Покрај тоа, да се обезбеди целосна гасификација, субвенции за еколошки енергенси за греење, како и субвенции за купување на над 60.000 автомобили на електричен погон“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ напорно работеше за потребите на жените, со оваа власт сè паѓа во вода
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на работилница организирана од Форумот на жени на СДСМ во рамките на кампањата „16 дена активизам за борба против насилството врз жените и девојчињата“-„Гласни за живот без страв“, истакна дека СДСМ е партијата која системски ја постави борбата против родово базираното насилство како државен приоритет. Тој нагласи дека преку воспоставување закони, институционални реформи и услуги за заштита на жените и девојките, СДСМ создаде основи за долгорочни и одржливи политики за заштита на жените од насилство.
„Тоа што се направи во изминатиот период треба да продолжиме да го промовираме и преку сите инструменти кои што ни се на располагање, тој систем да го надградуваме. Ние сме и потписници на Истанбулската Конвенција, која е важен меѓународен документ за спречување и заштита од насилство врз жените“, рече Филипче.
Говорејќи за превенцијата како клучна во борбата против насилство врз жените, Филипче истакна дека животот на секоја жена мора да биде заштитен, а институциите да функционираат за граѓаните. Тој потсети на бројните мерки преземени во системот за заштита во периодот на владата на СДСМ, за разлика од сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

„Отворивме многу центри за рана детекција. Имаше центри за детекција во кои што мулти-дисциплинарно работеа социјален работник, психолог, гинеколог. Меѓутоа гледаме како е кога на власт ќе дојде еден авторитарен режим кој што не се грижи за ништо друго, освен за своите сопствени, тесни, теснопартиски интереси, а се друго паѓа во втор план“, рече Филипче.
Во своето обраќање Филипче потсети дека СДСМ е партијата што прва воведе квоти и мерки за вистинска застапеност на жените, обезбедувајќи простор за женско лидерство на сите нивоа.

„Напорно работевме да го промовираме женското лидерство и во тоа успеавме. Донесовме листи во кои што точно се знаеше колкав ќе биде процентот на жени, колкав ќе биде процентот на млади“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Партизански Одреди бр. 95, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (локално над 25 l/m2) и со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност од денеска до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на денешниот ден и во четврток (над 25 l/m2 за 24 часа). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.

