Македонија
Палевски свртен со грб му постави 97 прашања на Кешишев: „Ништо од штабот не беше изнесено без знаење на Палчо“

Обвинетиот Влатко Кешишев за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче денес одговараше и на прашањата на првообвинетот Љупчо Палевски, кој беше свртен со грб, откако на минатото рочиште рече дека се плаши од него.
Палевски го праша дали некогаш му се заканувал или лошо се однесувал кон него или дали евентуално му се заканувал на обвинетиот Велибор Манев. Кешишев негира.
Понатаму, Палевски продолжи: Кажавте дека сте биле домаќин во штабот. Може ли кој било да изнесува што и да било од штабот без јас да дадам дозвола?
„Не, првин требаше да се праша Палчо пред да се изнесе. Зад негов грб ништо не се работело, без да знае тој“, одговори Кешишев.
Го запраша и оти во 3 искази на ОЈО не споменал ранец, син ранец, кога и зошто сега се сетил да кажува сознанија на таа околност.
„Се сетив бидејќи сите видовме на видеоснимката и не можев да го побијам тоа. Се гледаше дека го земам и го носам ранецот во гаражата“ рече Кешишев.
„Каде во штабот сте виделе син ранец?“, пааша Палевски.
„Не се сеќавам“, рече Кешишев.
Палевски го праша: Во штабот, освен мојот пиштол, кој ми беше одземен во ваше присуство 6 месеци пред настаните, сте виделе ли друго оружје?
„Не знам, не сум видел, не знам каде стоел ранецот, но главно Палчо го носеше“, одговори Кешишев.
Кешишев на денешното рочиште рече и дека за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, не чул Палевски некогаш да разговара или да се договара со него.
На прашањето кога првпат дознал за таткото на детето, тој одговори: Па мислам кога го доведоа во ‘Беко’ слушнав дека разговараат со родителот на детето.
Прашан од адвокатот дали знаел дека има фотографија од конкретната личност што требало да биде грабната во Скопје, тој негира. Вели првпат ја видел фотографијата кога се вратиле од настанот во штабот кога почнал да отвора „Фејсбук“ и ја видел фотографијата од детето. Дотогаш немал видено никаква фотографија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес и утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Град Скопје известија дека викендов (26.07 и на 27.07.2025 година), во раните утрински часови ќе се реализира авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин, дополнуваат надлежните.
Македонија
Денес пеколно топло со температури од 43 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени Целзиусови.
И во Скопје че биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 43 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре и во првата половина од следната седмица ќе има промена на временската состојба. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ветерот ќе го промени правецот во северен, а дневната температурата ќе биде во опаѓање.
Македонија
62 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје во кој животот го загубија 1.070 лица

Скопје денеска ја одбележува 62. годишнина од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени.
Во знак на почит и сеќавање на жртвите во катастрофалниот земјотрес, денеска во 10 часот делегации од Собранието и од Градот Скопје ќе положат цвеќе пред Споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта Бутел.
Во Музејот на град Скопје, вечер во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа”. Поставката ќе биде од траен карактер достапна за секој посетител во музејот. Градот како и секоја претходна година се сеќава на катастрофалниот земјотрес во 1963 година кој засекогаш го промени.
Скопскиот земјотрес во 1963 година е познат како една од најголемите трагедии кои се случиле во историјата на градот, но истовремено и шанса светот да ја покаже својата солидарност и да помогне во опоравувањето на заедницата.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата.