Македонија
Пандемијата на Ковид-19 ги зголеми сајбер-измамите на граѓаните и компаниите

„Бројот на лажни веб-страници за онлајн-шопинг и на измамнички трговци преку интернет се зголеми за време на пандемијата на Ковид-19. Од копии на веб-страници на популарни брендови до лажни продавници што никогаш не ја испорачуваат стоката, ситуацијата од коронавирусот откри слабости во моделот на доверба што се користи при купување преку интернет. Пандемијата поттикна насочени напади врз домови, бизниси, влади и критична инфраструктура, што главно се должи на слабеењето на постојните мерки за сајбер-безбедност поради промени во работните и инфраструктурните обрасци предизвикани од пандемијата“. Ова е наведено во извештајот „Пејзаж на закани 2020“, кој неодамна го објави Агенцијата за сајбер-безбедност на ЕУ (ENISA).
Агенцијата наведува дека за време на пандемијата сајбер-криминалците ги унапредиле своите можности, бргу се адаптирале и поефикасно се насочиле кон релевантни групи на жртви. Овој глобален феномен доведе до наплив на персонализирани сајбер-напади на сајбер-криминалци, кои користат понапредни методи и техники, а употребата на мобилната технологија и претплатата на дигитални платформи ги прави помладите генерации поранливи на овие видови закани. Остварувањето финансиска корист и натаму им е најголем мотив на компјутерските криминалци.
„Бројот на жртви на малвер и на фишинг во ЕУ продолжува да расте со користење на темата Ковид-19 како мамка. Овие напади вклучуваат пораки што носат додатоци на малициозни датотеки и пораки што содржат малициозни врски што ги пренасочуваат корисниците кон страници за фишинг или за преземање малициозен софтвер. Ваквите компјутерски измами резултираа со загуба на милиони евра за граѓаните и компаниите во ЕУ“, се вели во извештајот.
Агенцијата за сајбер-безбедност на ЕУ објави и листа на 15 најголеми сајбер-закани. Малверот, односно малициозниот софтвер, стои цврсто како број 1 сајбер-закана, а веднаш по него се фишингот и кражбата на идентитет. На списокот се и веб-базирани напади, напади на веб-апликации, СПАМ, DdoS, прекршување на податоците, инсајдерска закана, ботнети, физичка манипулација, штета, кражба и загуба, истекување информации, Ransomware, сајбер-шпионажа и Cryptojacking.
Граѓаните во земјата имаат можност сомнителните пораки испратени по е-пошта да ги пријават онлајн во Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (MKD-CIRT), кој е дел од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) на [email protected].
„Секоја порака добиена по е-пошта за која постои сомнение за веродостојност може да се препрати на MKD-CIRT. Сомнителната порака може да е од компанија или адреса од која вообичаено не се добиваат пораки или од непознато лице. Ако пораката изгледа сомнително, најдобро е да се пријави. Тоа ќе помогне да реагираме побргу и на тој начин да се заштитат повеќе корисници од штетното влијание на пораката“, вели Александар Ацев, раководител во MKD-CIRT.
Националниот центар ќе ги анализира сомнителната порака, нејзината содржина, адресата на испраќачот, додатоците и веб-страниците кон кои водат линковите од содржината на пораката. Доколку се открие активност за која се верува дека е штетна, ќе се побара блокирање на адресата од која е испратена пораката со цел да не може повеќе да се праќаат фишинг-пораки преку неа, како и бришење на линковите што водат до малициозните веб-страници.
Оваа услуга инаку не се користи за пријава на сајбер-криминал. Секој што смета дека е жртва на онлајн-измама или сајбер-криминал, тоа треба да го пријавите во Министерството за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Општина Центар обезбеди дополнителна механизација за чистење на улиците и сметот

„Центар веќе подолго време се соочува со хаос во хигиената поради неработењето на ЈП „Комунална хигиена“ кое е под надлежност на Град Скопје. Илјадници граѓани секојдневно сведочат на преполни контејнери и нечисти улици, иако одржувањето на јавната чистота е законска обврска на градските институции“, велат од Општината.
„Во вакви услови, Општина Центар со сопствени капацитети и преку локалното јавно претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ веќе со денови интервенира и ја презема работата што други ја запоставиле – собирање смет, миење и чистење на улиците.
Вчера, градоначалникот Горан Герасимовски заедно со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Душко Коцевски, потпишаа договор за изнајмување на дополнителна механизација и опрема. Овој договор значи значително засилување на теренските активности“, известува Општината.
„Граѓаните на Центар не смеат да бидат заложници на нечија негрижа. Наша должност е да им обезбедиме чисти улици и достоинствено урбано живеење. Затоа обезбедивме дополнителна механизација за поефикасно справување со отпадот и одржување на јавната хигиена“, вели Герасимовски.
„Со договорот се обезбедени следниве услуги и машини:
– Ѓубретарки со капацитет од минимум 18 м³ и 10 м³ за собирање и транспорт до депонија,
– Мала цистерна (0,5 м³) за перење на прометни површини,
– Специјализирана метларка со капацитет од минимум 1,5 м³,
– Изнајмување метални контејнери од 5 м³ на територија на Општина Центар,
– Возило-цистерна со капацитет од минимум 7 м³ за миење и перење улици,
– Возило-подигнувач за подигање и транспорт на метални контејнери,
– Машина за бележење на хоризонтална сигнализација.
Со ова зајакнување на капацитетите, Општина Центар покажува дека и во услови на институционална блокада, интересот на граѓаните е на прво место.
Герасимовски најави дека со новата механизација се почнува веднаш и дека ќе се ангажираат сериозни акции за чистење за да се спречи хаосот кој го создава Комунална хигиена и Градот Скопје“, се додава во соопштението на Општината.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: По примерот на Апасиев, Мециновиќ, Мојсоска и Крмов, и Реџеп Исмаил си инкасирал во свој џеб 300.000 денари од партиската каса

„Раководството на Левица конечно си го откри сопственото лице. Партијата која инаку се самопрогласува за револуционерна сила, сега е јасно дека е сведена само на приватна сопственост на Апасиев и раководството на Левица“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Апасиев со својата самобендисаност, ја претвори партијата во алатка за лична промоција. Освен што пишува статуси кои вриштат од суетност и се приказни за собирање дневно политички поени, правење збрки во јавноста не прави ништо друго.
Така е и со раководството на партијата. Од 2021 година досега, Апасиев и Мециновиќ инкасирале во свој џеб повеќе од 1 милион денари од партиската каса. Јована Мојсоска, примила околу 600.000 денари во истиот период, додека пак Крмов 270.000 денари, а Исмаил над 300.000 денари.
Како се прави распределбата во Левица, дали постои некаков транспарентен критериум и како ова се вклопува во реториката на партијата?
Оттука, јасно е дека Левица воопшто не се занимаваат со вистинските проблеми на граѓаните, нивната политика е сведена да бројат кој пратеник колку земал за патни трошоци, кое инаку на пратениците им е законско загарантирано право.
Во меѓувреме, додека полемичарат за патните трошоци, тие самите земаат стотици илјади денари од партиската каса.
Партиска каса која инаку се полни од буџетот на државата, односно парите на граѓаните. Истите граѓани кои ги убедуваат да донираат за Левица.
Додека членството им верува, раководството ја користи партијата како банкомат. Комплетно се изгубија во сопствената хипокризија, која не само што го предаде сопственото членство, граѓаните , туку си ја предаде и сопствената идеологија.
Како овие интелектуалци и борци за еднаквост ќе им објаснат на сопствените членови и гласачи, додека тие им веруваат и донираат раководството си дели стотици илјади денари. Дали Левица воопшто ги слуша граѓаните, или само постои за одржување на моќта на неколкумина?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Судството во служба на Заев и Филипче, пресудата за докторката од Онкологија е срамна

ВМРО-ДПМНЕ реагира на одлуката на судот да изрече условна казна од две години за докторка од Клиниката за онкологија и радиотерапија, оценувајќи ја како уште еден доказ дека правосудниот систем работи во корист на власта и елитата околу Зоран Заев и Венко Филипче.
„Судот со оваа пресуда јасно укажува дека човечкиот живот не вреди и дека единствено постапува ако добие насока од ‘центарот’, кој е лоциран во Бихаќка“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат и на случајот со модуларната болница во Тетово, кога животите ги загубија 16 лица, а одговорноста не беше лоцирана кај тогашниот министер за здравство Венко Филипче, туку само кај двајца директори и болницата како правно лице.
„Секојдневно судството покажува дека работи исклучиво по насоки и затоа довербата кај граѓаните е едвај околу два проценти – бројка која реално е на ниво на статистичка грешка. Оваа состојба одговара на Филипче и СДС затоа што судството им служи за заштита, наместо за правда“, додаваат од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, крај мора да се стави на, како што велат, „правосуден систем кој функционира под диригентската палка на Заев и неговата дружина“.