Македонија
„Паничните испади на Тошковски на ‘Фејсбук’ само ја потврдуваат неговата одговорност за Кочани“, велат од СДСМ

„Паничните постови во кои Тошковски ѝ држи лекции на опозицијата да не го критикува, се ништо друго туку доказ за одговорноста што тој и неговите началници ја имаат за Кочани. Тошковски многу добро знае дека, покрај моралната, постои и кривична одговорност кај неговите началници против кои не се водат постапки. Добро знае дека има одговорност и кај низа други актуелни функционери против кои, исто така, воопшто не се водат постапки“, велат од СДСМ.
„Тошковски стигна до 2012 година барајќи виновници, но никако не сака да ги види одговорните кои му се пред носот. Правда за Кочани нема да има ако оние кои вечерта можеле да ја спречат трагедијата, а не го направиле тоа, не одговараат.
Патетични се изјавите на Тошковски кој прашува каде биле Артан Груби и Перпарим Бајрами. Па токму тој ги пушти да избегаат. До кога ќе глуми опозиција? Откако е на власт повеќе од една година, Тошковски има само скандали – со избегани терористи и челници на ДУИ.
Тошковски имаше шанса да биде херој, да го смени системот со тоа што ќе обезбедеше неселективна правда. Но, наместо тоа, реши да биде трагичар и да долее сол на раната на луѓето и семејствата од Кочани.
Бркање вештерки од минатото и селективна истрага не е правда за Кочани. Со ова, Тошковски докажа дека тој е системот против кој се борат граѓаните“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Влен“ денес на средба ќе ја разгледа одлуката на Таравари да настапи на изборите со свои кандидати за советници

Во 14 часот денес ќе се состане коалицијата „Влен“, по што ќе се знае како ќе продолжат понатаму со Алијансата за Албанците на Арбан Таравари.
Првиот вицепремиер кој е дел од коалицијата, Изет Меџити, одговарајќи на новинарско прашање рече дека по завршувањето на средбата јавноста ќе биде известена за ставот на „Влен“.
Ова се случува откако претходно, претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, соопшти дека неговата партија останува во коалицијата „Влен“, но на локалните избори ќе настапи со сопствена листа на кандидати за советници.
„Остануваме во коалиција освен ако тие не нѐ исклучат, тогаш и ние ќе постапиме соодветно”, рече Таравари.
Во врска со кандидатите за градоначалници, тој изјави дека за тоа сè уште не е донесена одлука.
Македонија
Десет полицајци под истрага за несреќата во Кочани

Десет полицајци од Штип и Кочани се под истрага за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според Обвинителството, тие се осомничени дека од 2012 до 2022 година издавале согласности и му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови. МВР соопшти дека шестмина од полицајците се приведени, по еден се трага, а тројца од претходно издржуваат мерка притвор.
„Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски властувања и припадници на затворската полиција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против десет полициски службеници. Во конкретниот случај постои основано сомнение дека осомничените во временскиот период од 07.12.2012 година до 21.01.2022 година, како соизвршители, сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност“, соопшти Обвинителството.
Според описот содржан во наредбата за спроведување истражна постапка, осомничените како службени лица вработени во СВР Штип и ПС ОН Кочани, во погоренаведениот временски период, како соизвршители, не постапиле според прописите за мерките за заштита – не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за Кабаре „ПУЛС“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир. Со издавањето на согласностите сите заедно му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови.
„Јавниот обвинител ценејќи ги околностите и доказите прибавени во предистражната постапка, а заради непречено водење на кривичната постапка и заради обезбедување присуство на осомничените, на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје ќе предложи на седуммина осомничени да им определи мерки на претпазливост. Останатите тројца осомничени се обезбедени со претходната постапка“, соопшти Обвинителството.
Од Министерството за внатрешни работи објавија повеќе детали за полициските службеници против кои е поднесена кривична пријава.
Станува збор за П.С. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник во СВР Штип), Ј.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќајни работи во Одделение за полиција во СВР Штип), С.Д. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќај во Одделение за полиција во СВР Штип), М.С. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник на одделение во Одделение за полиција во СВР Штип), Љ.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник во СВР Штип), В.П. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор по сообраќајни работи во Одделение за полиција во СВР Штип), Д.А. (во време на извршување на кривичното дело самостоен инспектор за јавен ред и мир во СВР Штип), А.А. (во време на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник на СВР Штип), В.И. (во време на извршување на кривичното дело на работно место документарист во ПС ОН Кочани во СВР Штип) и А.Т. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место командир на ПС ОН Кочани).
Македонија
Општина Аеродром спроведува пролетна дератизација

Општина Аеродром деновиве спроведува редовна пролетна дератизација на ниво на целата територија.
Со дератизацијата се опфатени 3.000 шахти, со 9.000 мамци, како и сите основни училишта и детски градинки.
Есенската и пролетната дератизација претставуваат мерка за заштита на населението од појава и ширење болести што ги пренесуваат глодачите.