Македонија
Параглајдинг-несреќа на Галичица: државјанин на Германија доживеа тежок пад од поголема височина
Планинската спасителна служба „Охрид“ извести дека вчера, околу 18.30 часот, добила повик од група параглајдеристи, кои летале од падините на Галичица.
Тие пријавиле дека нивниот пријател, државјанин на Германија, од засега непознати причини доживеал тежок пад од поголема височина на исклучително непристапен и карпест терен.
„За голема среќа, тројца спасители на ПСС во тој момент престојуваа во планинарската куќа ‘Спиридон’, каде што е лоцирана и спасителната станица на ПСС, опремена со специјализирана техничка опрема за интервенции во овој регион. Веднаш по дојавата, екипата за 15 минути стигна до местото на несреќата, изврши имобилизација на повредениот и почна комплексен транспорт по стрмен и тежок терен. Дополнителна отежнувачка околност беа и ноќните услови во кои се одвиваше целата акција.
По повеќе од еден час напорна интервенција, во 20.20 часот, повредениот беше безбедно спуштен до асфалтниот пат кај превојот Баба, каде што беше предаден на екипа на Итната медицинска помош од Охрид. Од таму тој веднаш беше пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде што, за жал, му беа констатирани фрактури на пет прешлени во долниот дел на ‘рбетот“, велат од Планинската спасителна служба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Прекршок ќе се регистрира од 57 километри на час при дозволени 50, толеранцијата како кај полициските радари
Толеранцијата на камерите од системот „Безбеден град“ ќе биде иста како онаа што се применува кај останатите полициски радари, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Министерот нагласи дека толеранцијата се однесува исклучиво на сообраќајни прекршоци и не важи во случаи кога е сторено кривично дело поврзано со сообраќајот.
Според појаснувањето на Тошковски во гостувањето на „Телма“, за брзини до 100 километри на час ќе има толеранција од шест километри, за брзини над 100 километри на час осум километри, а за брзини над 200 километри на час – 12 километри. Тој додаде дека, на пример, доколку дозволената брзина е 50 километри на час, системот ќе регистрира прекршок при 57 километри на час.
Тошковски информираше дека системот „Безбеден град“ ќе ги процесуира и службените возила кога тие не постапуваат во рамки на оправдани оперативни дејствија. Како што појасни, возилата на итната медицинска помош, противпожарната служба, Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана нема да бидат евидентирани од системот кога постапуваат во рамки на службени задачи, но ќе бидат опфатени кога не постои оправдана оперативна потреба.
Македонија
Без струја делови од Илинден и Кисела Вода
ЕВН извести дека денес без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.25 до 15.30 часот, корисниците од улиците број 10, 513, 517, 529 и 532, како и објектите на фабриката Хавеп и Агрома во село Марино. ( општина Илинден )
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од ул. Томе Арсовски и ул.474.( општина Кисела Вода )
Македонија
Променливо облачно со дожд и снег на планините, од утре стабилизирање на времето
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне во источните делови од земјата. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег, а попладне врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималните температури ќе се движат од 2 до 6 степени, додека максималните дневни ќе бидат во интервал од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува облачно време со повремени врнежи од дожд во претпладневните часови и слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Од петок следува стабилизирање на временската состојба. За време на викендот, а особено во првите денови од следната седмица, утрата ќе бидат ведри и студени, со утрински температури кои насекаде ќе бидат под нулата.

