Македонија
Парични казни за 50 лица во Скопје обвинети за непочитување на здравствените прописи
Скопското обвинителство поднесе предлози за издавање казнени налози против 50 лица за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Обвинетите не го почитувале полицискиот час, односно не се придржувале кон одлуките за забрана и посебен режим на движење на населението на територијата на државата, донесени од Владата.
Надлежен јавен обвинител предложи за 49-мина од обвинетите да биде изречена парична казна од по 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневна глоба од 20 евра во денарска противвредност. За еден обвинет предложена е парична казна во вкупна висина од 2500 евра, бидејќи лицето се товари дека сторило продолжено кривично дело согласно член 45 од Кривичниот законик, односно полицискиот час го прекршил во повеќе наврати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Прекршок ќе се регистрира од 57 километри на час при дозволени 50, толеранцијата како кај полициските радари
Толеранцијата на камерите од системот „Безбеден град“ ќе биде иста како онаа што се применува кај останатите полициски радари, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Министерот нагласи дека толеранцијата се однесува исклучиво на сообраќајни прекршоци и не важи во случаи кога е сторено кривично дело поврзано со сообраќајот.
Според појаснувањето на Тошковски во гостувањето на „Телма“, за брзини до 100 километри на час ќе има толеранција од шест километри, за брзини над 100 километри на час осум километри, а за брзини над 200 километри на час – 12 километри. Тој додаде дека, на пример, доколку дозволената брзина е 50 километри на час, системот ќе регистрира прекршок при 57 километри на час.
Тошковски информираше дека системот „Безбеден град“ ќе ги процесуира и службените возила кога тие не постапуваат во рамки на оправдани оперативни дејствија. Како што појасни, возилата на итната медицинска помош, противпожарната служба, Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана нема да бидат евидентирани од системот кога постапуваат во рамки на службени задачи, но ќе бидат опфатени кога не постои оправдана оперативна потреба.
Македонија
Без струја делови од Илинден и Кисела Вода
ЕВН извести дека денес без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.25 до 15.30 часот, корисниците од улиците број 10, 513, 517, 529 и 532, како и објектите на фабриката Хавеп и Агрома во село Марино. ( општина Илинден )
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од ул. Томе Арсовски и ул.474.( општина Кисела Вода )
Македонија
Променливо облачно со дожд и снег на планините, од утре стабилизирање на времето
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне во источните делови од земјата. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег, а попладне врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималните температури ќе се движат од 2 до 6 степени, додека максималните дневни ќе бидат во интервал од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува облачно време со повремени врнежи од дожд во претпладневните часови и слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Од петок следува стабилизирање на временската состојба. За време на викендот, а особено во првите денови од следната седмица, утрата ќе бидат ведри и студени, со утрински температури кои насекаде ќе бидат под нулата.

