Македонија
Парични награди за првенците на генерација во општина Аеродром
Осум најдобри ученици од основните училишта во општина Аеродром добија пофалници за „најдобар ученик на генерација“ и еднократна парична награда во висина од 10 илјади денари за учебната 2020/2021 година.
Овие ученици изминатата учебна година беа прогласени за првенци на генерација, со што успешно го завршија образовниот процес во училиштата на територијата на општина Аеродром и веќе го почнаа средношколското образование.
Наградени се учениците Ива Спасовска од ООУ „Љубен Лапе“, Кристијан Јакимов од ООУ „Браќа Миладиновци“, Тамара Ристовска од ООУ „Блаже Конески“, Јана Давидовска од ООУ „Гоце Делчев“, Сара Марковиќ од ООУ „Димитар Македонски“, Алексиј Тасиќ од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, Миа Драгниќ од ООУ „Лазо Ангеловска“ и Ева Стојановска од ООУ „Александар Македонски“.
Општина Аеродром за првпат почна да доделува парични награди за првенците на генерација пред три години, со цел да се стимулира талентот на учениците и да се мотивираат за понатамошно надградување и постигнување нови успеси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Филипче и СДС со политиките на понижување и сервилност го отвораат патот за нови уцени кон Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Во СДС ништо не се менува, Филипче е продолжение на Заев и на истата капитулантската матрица во СДС која со години ја понижува Мaкедонија и дава простор на официјална Софија да продолжи со негирањето на македонскиот јазик и историја. Филипче и СДС немаат против да бидеме „северномакедонци’’. За Филипче и СДС не е проблем да ја туркаат тезата дека Македонија мора да прифаќа секакви условувања за да добие европска перспектива“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„За Филипче и СДС не е проблем народот да биде нарекуван „северномакедонски“, ниту пак имаат проблем со бришењето на националните обележја, само за да добијат по некој аплауз од надвор и да дојдат до власт.
СДС со години лажеа дека секоја нова отстапка на Мaкедонија е „последниот чекор“ кон Европската Унија. Прво беше промената на знамето. Потоа промената на Уставот. Па промената на името. Денес СДС и Филипче повторно бараат нови уставни измени и повторно убедуваат дека тоа е „последната пречка“.
Граѓаните гледаат и знаат дека секоја отстапка раѓа нова уцена, а секое попуштање отвора нов удар врз македонскиот идентитет.
Сите досегашни отстапки кои државата ги има направено се од СДС, само поради лични лукративни цели на тесен круг од СДС.
Македонскиот народ нема да дозволи нови понижувања, нови бланко договори и ново распродавање на идентитетот. Државните и националните интереси мора да бидат над политичките калкулации на СДС и нивното криминално наследство.
Македонија заслужува лидери кои ќе ја бранат државата, а не политичари кои за власт и личен спас се подготвени да ја турнат во амбис“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Герасимовски: Од Ристиќева палата до ретро игранка, Центар вечерва го оживува старото скопското корзо
Општина Центар во соработка со Здружението на пензионери на општина Центар вечерва, со почеток од 19:00 часот, го организира настанот „Носталгија за корзо – сеќавање на едно убаво време“.
Настанот ќе започне од Плоштадот „Македонија“ со симболична прошетка низ старото скопско корзо, а потоа продолжува во салата на ООУ „Димитар Миладинов“ каде ќе се одржи свечена игранка.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, упати покана до сограѓаните да дојдат на настанот и да го почувствуваат шармот на некогашните променади низ центарот на Скопје.
„Ќе прошетаме покрај Ристиќева палата, поранешниот хотел „Македонија“, „Кенан“, „Ванила“ и „Громби“ – местата каде што се создаваа најубавите спомени. Ќе се потсетиме на златните скопски времиња, кога корзото беше центар на светот, место каде што се раѓаа првите симпатии и љубови, а еден поглед значеше повеќе од илјада пораки на мобилен телефон“, порача Герасимовски.
И Активот на жени пензионери на Општина Центар упати покана до пензионерите и од другите општини да се приклучат на ова ретро дружење.
„Ова е прекрасна можност повторно да се сретнеме, да прошетаме по некогашното корзо и да ги разбудиме спомените од младоста. Дружењето ќе продолжи во свечената сала на ООУ „Димитар Миладинов“ (поранешно „Браќа Рибар“), со игранка и евергрини со диџеј, кои ќе нè вратат во едно поинакво Скопје и ќе ги разбудат емоциите што сè уште живеат во сите нас“, порачуваат пензионерите од Центар.
Македонија
Муцунски ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Хелсингборг
На покана на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што ќе се одржи во Хелсингборг, Кралството Шведска, од 21 до 22 мај 2026 година.
Во рамки на состанокот, министрите ќе дискутираат за прашања поврзани со инвестициите во одбраната, состојбите во Украина, развојот на одбранбената индустрија, како и за други актуелни регионални и глобални безбедносни предизвици.
Разговорите ќе се одвиваат и во контекст на подготовките за Самитот на НАТО во Анкара, што ќе се одржи во јули оваа година, на кој се очекува да бидат донесени важни одлуки за иднината на Алијансата.
Во рамки на посетата, на покана на министерката за надворешни работи на Шведска, Марија Малмер Стенергард, министерот Муцунски ќе присуствува на прием за министрите во присуство на кралот Карл XVI Густаф и кралицата Силвија на Шведска, а предвидено е да оствари и повеќе билатерални средби.
