Македонија
Партијата Левица ја повикува власта веднаш да спроведе ветинг во МВР

„Последниот скандал со припадникот на обезбедувањето на премиерот Мицкоски, кој од просториите на СВР Велес изнел службени документи со доверлив карактер, е само уште една потврда за длабоко вкоренетата корупција во редовите на МВР. Ова не е изолиран инцидент, туку дел од поширок проблем што со години ја разорува безбедносната на државата“, велат од партијата Левица.
„Овој случај повторно сведочи за постоењето на “кртови” во полицијата, кои наместо да ја штитат безбедноста на граѓаните, соработуваат со криминални структури. Потсетуваме дека неодамна, кога Обвинителството се обидуваше да го разбие нарко-картелот „Грчец“, акцијата со кодно име „Планина” беше пробиена од корумпирани структури, овозможувајќи им на криминалните групи да се дадат во бегство.
Исто така, сѐ уште нема никаква информација за поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој “исчезна“ без никаква реакција од институциите. Владата останува немоќна или незаинтересирана да објасни како Груби навремено успеал да избега, што дополнително го засилува сомнежот за системско потпомагање на криминалот од највисоките ешалони на власта.
Дополнително загрижувачки е фактот што МВР обзнани за случајот со оддавање службена тајна дури откако јавноста и медиумите веќе го разоткрија, а дотогаш, немаше никаква трага ниту во Дневните билтени на МВР за обезбедувањето на Мицкоски.
Индикативно е и што функционери и од претходната и од сегашната власт не ретко се фотографирани во друштво со лица од криминалното подземје. Па така и актуелниот премиер Мицкоски е фотографиран на гоштевање во Грчец со нарко-босови, што фрла сериозна сенка врз кредибилитетот на институциите во борбата против организираниот криминал.
Дополнително сомневање предизвикува и фактот дека информациите биле изнесени токму од СВР Велес, каде претходно разоткривме сериозни случаи на роднинско влијание од министерот Тошковски. До нас постојано пристигнуваат нови информации за непотизам и злоупотреби во оваа институција, што укажува на систематско вградување на лојални кадри кои не одговараат на законот, туку на партиските и криминалните структури.
Доколку власта навистина сака да покаже дека правдата и безбедноста е над партиските и личните интереси, тогаш Левица ги повикува веднаш да пристапат кон ветинг во МВР. Само темелна проверка и чистење на редовите на полицијата може да ја врати довербата во институциите и да обезбеди ефикасна борба против криминалот“, соопштуваат од партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Уште еден вознемирувачки напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија!“, напиша Ковачев

„Сериозно сум загрижен од она што се случи денес со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска – бугарска државјанка. Ги повикувам Министерството за надворешни работи и бугарската амбасада во Скопјe веднаш да ѝ обезбедат правна, конзуларна и морална заштита“, напиша бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на социјалните мрежи.
„Ова е уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски државјани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се изјаснат како Бугари.
За жал, притисокот е толку силен што нашите сонародници се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет. Сличен случај неодамна беше со министерката за енергетика Сања Божиновска, со неколку пратеници од владејачката ДПМНЕ, како и со луѓе од најблискиот семеен круг на сегашниот, минатиот и претходните премиери на земјата.
Бугарската држава има должност кон своите над 216.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија, кои станале такви по своја слободна волја, го докажале своето бугарско потекло со документи и со свој потпис изјавиле дека сега се чувствуваат како етнички Бугари. Бугарија е должна да ги заштити нивните права, безбедност и човеково достоинство“, додаде Ковачев.
Македонија
„Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски се огласи на социјалните мрежи, по нападот врз градоначалничката Данела Арсовска.
„Она што ѝ се случи денес на Данела Арсовска не е „инцидент“. Тоа е директен напад врз институцијата, врз една жена, врз јавниот поредок.
Со клоци, со пцуење, со закани за силување и убиство на нејзиното семејство.
И што? Ќе викаме „демократија“?! Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски.
Македонија
(Видео) Арсовска објави снимка од нападот: Јас го напаѓам него или тој мене?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави снимка од денешниот напад врз неа, на социјалните мрежи.
Во објавата на социјалните мрежи, Арсовска прашува дали таа напаѓа или е нападната и се брани.