Македонија
Пендаровски за „Шпигел“: Стравуваме дека ќе станеме втора Турција

Макрон ми рече дека помалку станува збор за нас, а повеќе за ЕУ, на која ѝ треба време за реформа на пристапниот процес. Но, практично никој не верува во оваа причина. Стравот ни е дека ќе станеме втора Турција, земја која е постојан кандидат за пристапување, изјави претседателот Стево Пендаровски во интервју за германскиот весник „Шпигел“ на прашањето како францускиот претседател, Емануел Макрон, го оправдал недоделувањето датум за почеток на преговорите.
Пендаровски вели дека недобивањето датум било големо изненадување и шок, пред сè, зашто земјата направила нешто уникатно во модерната светска историја и го сменила името.
„Недобивањето датум за преговори беше длабок шок и целосно изненадување за нас. Иако претседателот Макрон најави дека сака да го реформира процесот на пристапување во ЕУ, сите се надеваа дека нема да го блокира почетокот на преговорите со Албанија и мојата земја, Северна Македонија. Тоа беше големо разочарување за нашите граѓани, нашата Влада и лично за мене. На крајот на краиштата, ги донесовме сите клучни закони и договори. Пред сè, направивме нешто уникатно во модерната светска историја. За да го решиме спорот за името со Грција, го сменивме нашето државно име од Македонија во Северна Македонија“, вели Пендаровски.
На прашањето кои се опасностите доколку ЕУ во иднина стане помалку вклучена во регионот на Западен Балкан и која е опасноста Русија, Турција и Кина да го наполнат вакуумот, македонскиот претседател вели дека ќе се појават други играчи, но дека не сака да именува држави.
„Најпрво, се појавуваат други играчи. Затоа, ЕУ не треба да погреши да нè разбира само како соседски регион. Покрај тоа, другите земји ќе речат, гледајте, Македонците ги исполниле сите услови, го сменија своето државно име и тоа сè уште не им донесе ништо. Тогаш, зошто треба да направиме сериозен напор? Размислувам особено за Србија и Косово и за конфликтот во врска со признавањето на Косово. Не сакам да именувам држава по име. Но, во светот има центри на моќ кои не се задоволни од проширувањето на НАТО и ЕУ. И во овој контекст земјите од нашиот регион во неколку наврати беа цел на лажни вести, дезинформации или кампањи за дестабилизација“, вели Пендаровски.
На прашањето дали се оправдани сомнежите во Франција, но и во други земји, за дефицит во владеењето на правото, особено по апсењето на ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, која е обвинета за корупција, Пендаровски вели дека аферата не е за самата институција СЈО, туку за поединец.
„Аферата не е за самата институција СЈО, туку за нејзиниот поранешен шеф. Да, тоа беше шок за јавноста. Но, нашето судство одговори одговорно на оваа афера и со целосно владеење на правото“, вели Пендаровски.
„Шпигел“ потсетува дека Македонија е кандидат за членка на Европската Унија 14 години, што е најдолг период од која било друга земја, освен Турција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.