Македонија
Пендаровски и УНИЦЕФ ја почнуваат иницијативата „Преосмисли ја иднината“
Претседателот Стево Пендаровски и Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) денеска го најавија почетокот на новата заедничка иницијатива „Преосмисли ја иднината“, чија цел е на децата и на младите да им се даде простор да се вклучат во дефинирањето на визијата за иднината што ја сакаат за себе и за идните генерации.
Во наредните три месеци младите поедноставно ќе имаат шанса за учество во консултации каде што ќе дискутираат за прашања што им се важни, за своите најголеми предизвици и очекувања за иднината на земјата, а ќе добијат и простор да предложат решенија со кои визијата ќе се претвори во реалност.
„Денешната генерација на млади се соочува со голем број предизвици. Но, истовремено тие се најинформираната и најдигитализирана генерација во нашата историја која има уникатна можност да направи нешто за својата иднина. Наша должност е да ги слушнеме нивните ставови, затоа што нивните идеи се важни. Да им помогнеме да бидат дел од процесите на креирање политики и носење одлуки кои влијаат на нивната и иднината на сите нас“, истакна претседателот Стево Пендаровски.
Во земјата има близу 190.000 адолесценти на возраст од 12 до 19 години, а сепак малкумина од нив имаат можност да учествуваат во одлуките што го засегаат нивниот живот, нивната егзистенција и нивните заедници.
Квалитетното образование, менталното здравје, спречување насилството на интернет, климатската акција и вработувањето се меѓу главните приоритети на младите пред и за време на пандемијата со Ковид-19. Оваа нова иницијатива се фокусира на подобра и поправедна иднина за секое дете и секој младинец во земјата во периодот по Ковид-19.
„Она што го правиме за децата и младите, заедно со нив и во нивно име денес, ќе го одреди нивното утре. Ваквата заедничка иницијатива доаѓа во клучен момент и претставува ретка можност да се преосмисли иднината заедно со децата и младите. Преку иницијативата, младите ќе се оспособат да станат двигатели на промени за низа прашања, а нам ќе ни се овозможи да го искористиме огромниот потенцијал за иновација и трансформација што тие го нудат кога се поддржани со вистинските платформи и вештини, и кога имаат самодоверба да бидат лидери во својата земја“, изјави Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.
Младите се поканети да учествуваат во првата онлајн анкета чија цел е да се утврдат предизвиците со кои се соочуваат, но и да се откријат нивните идеи и визии за иднината. Наодите од истражувањето ќе послужат како поткрепа за темите на работилниците во наредните месеци, а младите ќе бидат поканети да се приклучат преку отворен повик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

