Македонија
Пендаровски: На полето на меѓуетничките односи, Македонија е најстабилна од независноста до денес

Вчеравечер, во рамки на изборниот караван, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски беше со тетовци. Заблагодарувајќи им се за поддршката во изминатите 10 години, Пендаровски рече дека со масовна излезност мора да ја осигураме победата и иднината на земјата.
„Не постои ситуација во која сум се однесувал како да не сум претседател на сите. Сите сте биле еднакви на мене. Тетово е град на повеќе националности и вие тоа најдобро го знаете. Важно е да се почитуваме, да немаме конфликти и да не се сеат омраза и гнев. Македонија може да биде стабилна и просперитетна држава само и само ако сите овде, во оваа заедничка куќа се чувствуваме рамноправни, а не некој да биде газда, а друг да биде потстанар“, истакна Пендаровски.
Посочувајќи дека актуелната политичка структура направи две историски работи, односно државата стана членка на НАТО и ги почна преговорите со ЕУ, што е услов за брз економски развој, Пендаровски потенцираше дека во тој процес и со потпишувањето на Договорот од Преспа не беше одземено ниту „М“ од македонското.
„Нашата политичка структура комплетно го заштити македонскиот идентитет и јазик, со многу трпение и да не беше внатрешната блокада од опозицијата, ние за 4-5 години ќе ги завршевме преговорите и ќе влезевме во ЕУ. Опструкциите на нашата опозиција не сопнаа на патот кон Европа“, додаде Пендаровски.
Во оваа насока тој потсети и дека за сите важни прашања од македонската независност наваму, опозицијата беше против, како што сега е против иднината и иднината на државата. „Но никој веќе нема време за чекање и нема простор за нови договори. Сè освен поддршка за нас е ризик за иднината на нашата земја“ рече Пендаровски и ги повика тетовци на 24 април да покажат дека нашиот избор е европска Македонија.
На митингот во Тетово претседателскиот кандидат Стево Пендаровски доби поддршка и од австрискиот политичар Андреас Шидер, кој од 2019 година е европратеник и копретседавач со Мешовитиот парламентарен комитет МК – ЕУ. Во обраќањето пред тетовци, Шидер посочи дека Пендаровски е политичар со визија, политичар кој знае дека местото на оваа земја е во Европа и кој знае како да ја однесе таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) ДЗС: Борбата против огнот во ловиштето Јасен продолжува

Борбата против огнот во ловиштето Јасен продолжува. Од земја дејствуваат припадници на специјалните единици на Армијата и Полицијата заедно со екипи на ЈП Јасен. Од воздух дејствуваат еден ер трактор на ДЗС и еден полициски хеликоптер, информира Дирекцијата за заштита и спасување.
Од таму велат дека една линија на пожарот која се протегала исклучително стрмно над асфалтираниот пат кој низ ловиштето Јасен води од Скопје кон езерото Козјак, е успешно изгасната од страна на армиските Волци со што е спасена поголема површина зимзелена шума.
Од ДЗ напоменуваат дека борбата со огнот на моменти е ризична поради што се уште не може да се воспостави контрола над овој шумски пожар кој се одвива на екстремно тежок терен.
Во врска со останатите пожари, ДЗС информира дека пожарот над с. Свиларе е целосно изгаснат додека пожарот на територијата на с. Радуша се уште е активен и се движи кон општина Јегуновце.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Новото раководство во Еразмус е во целосна координација со канцеларијата на ЕУ

СДС нека провери во своите редови пред да зборува следен пат, Лидија Димова беше разрешена од Агенцијата заради злоупотреба на финансиски средства, не постои институција во која СДС нема направено криминал, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ во врска со обвинувањата од СДСМ за новото раководство на „Еразмус“.
„Актуелното решение е во целосна координација со канцеларијата на Европската Унија. Истите забелешки, СДС нека ги сподели и со канцеларијата на ЕУ. Во меѓувреме, пред да излезат со прес-конференции и соопштенија, СДС прво да си го погледнат својот двор. Впрочем, нивниот „двор’’ е полн со луѓе кои обавувале јавни функции и скоро па да нема некој кој не бил поврзан со некаков сомнеж или сторен криминал. Таков случај беше и оној, кога Лидија Димова како директорка на Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, ја злоупотребила службената положба и проневерила заедно со уште две лица, околу 20 милиони денари. Димова предизвикала шета на други средства во државата со кои управува Европската заедница во вкупен износ од околу 20 милиони денари, со коишто Димова направиле две кривични дела. За конкретниот случај, таа беше и обвинета од страна на ОЈО ГОКК.
Да потсетиме, тогашниот премиер Заев ја присили Димова да не ја поднесува пријавата за сторен криминал од 2,2 милиони евра, кој потоа Европската заедница си ги бараше назад. Овие пари завршиле кај исти луѓе и тендерите ги добиле исти две фирми поврзани со овие луѓе. Оваа мрежа имала своја логистика во Националната агенција, а првопријавеното лице и во кабинетот на премиерот, како близок пријател на еден од националните координатори во Владата.
Затоа, СДС нека си ги проверува своите редови и криминалите што ги има направено. Знаеме дека се многу и понекогаш можеби ги забораваат, но затоа тука сме ние да ги потсетиме и да го повикаме ЈО да си ја извршува работата“ пишува во реакцијата.
Македонија
ЗНМ и ССНМ бараат итна проверка на околностите со случајот со новинарите во Демир Хисар

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат сериозна загриженост поради начинoт на постапување на полициски службеници кон новинари од пелагонискиот регион.
„Случајот за кој веќе испративме официјален допис до Министерството за внатрешни работи, се однесува на известување за разрешувањето на директорка на училиште во Демир Хисар, кога полициски службеници им пристапиле на новинарите додека тие известувале од настан од висок јавен интерес, барајќи нивно легитимирање, иако било очигледно дека се работи за медиумски работници со професионална опрема. Настанот се случил на јавна површина – двор на училиште. Сметаме дека вакви ситуации може да се протолкуваат како обид за вршење притисок врз новинарите, што е недозволиво мешање во нивната работа и нарушување на медиумските слободи“, соопштија ЗНМ и ССНМ.
Од таму велат дека во дописот до МВР бараат итна и сеопфатна проверка на околностите, утврдување на законската основа за ваквиот вид постапување и одговорност доколку се потврди дека полициските службеници ги пречекориле своите овластувања.
„Очекуваме МВР и Секторот за внатрешна контрола во најкус можен рок да информира за утврдените околности и доколку се потврди прекршување на овластувањата, да преземе соодветни мерки против одговорните службеници“, се наведува во заедничкото соопштение.