Македонија
Пендаровски на проштални средби со амбасадорите на Франција и Канада
Претседателот Стево Пендаровски, денеска, на проштални средби ги прими амбасадорот на Француската Република, Кристијан Тимоние, и амбасадорката на Канада, со седиште во Белград, Кетлин Чаба.
На средбата со Тимоние беше оценето дека односите меѓу двете земји се карактеризираат со пријателство и меѓусебна доверба. Претседателот истакна дека Северна Македонија во Франција гледа сојузник во остварувањето на стратешките цели.
Претседателот изрази задоволство што за време на четиригодишниот мандат на амбасадорот Тимоние двете држави станаа сојузници во НАТО и беше донесена одлука за почеток на пристапните преговори со Европската Унија. Во тој контекст Пендаровски го истакна значењето на поддршката што Франција ја дава на европската перспектива на Северна Македонија и на регионот посочувајќи дека по усвојувањето на новата методологија за водење преговори, на државите кандидати им е овозможено интеграцијата во ЕУ да се одвива преку имплементација на темелни реформи.
На средбата со Чаба беше потврден заемниот интерес за унапредување на соработката во повеќе области, особено во економската, како и натамошно продолжување на успешната мултилатерална соработка.
Претседателот Пендаровски, изразувајќи задоволство од традиционално добрите односи меѓу двете држави, засновани на заеднички вредности, се заблагодари за постојаната канадска партнерска соработка на нашиот евро-атлантски пат.
„Поддршката од Канада за нас е од големо значење и очекувам од нашите канадски пријатели и партнери уште позасилена помош во претстојниот период“, рече претседателот Пендаровски на средбата.
Амбасадорката Чаба, поздравувајќи ги надворешнополитичките активности што нашата држава ги презеде изминатиот период, изрази задоволство што Северна Македонија во март годинава стана полноправна членка на НАТО и ја пренесе канадската поддршка во процесот на пристапување кон Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
Зајкова: Една изборна единица има смисла само со отворени листи
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, реагираше по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници, оценувајќи дека нејзиниот исход е „0 проценти економија и 100 проценти политика“.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи. Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на својот Фејсбук профил.
Од ЛДП посочуваат дека лидерската средба има смисла само доколку отвори суштински прашања што директно го засегаат животот и животниот стандард на граѓаните, а не доколку се сведе исклучиво на дилемата за укинување или задржување на техничката влада.
Во соопштението се наведува и дека, иако Зајкова е пратеничка и единствена жена-лидер на партија во Македонија, таа не добила покана за учество на средбата. Организаторите, како што се посочува, одлучиле да поканат само претставници на партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
„Лидерските средби не треба да бидат поле за дневно-политички надмудрувања и покажување мускули, туку простор за носење решенија и одлуки што ќе придонесат за подобра иднина на сите граѓани“, наведуваат од Либерално-демократската партија.

