Македонија
Пендаровски: Негативната страна на дигитализацијата е алтернативната реалност во која се губи вистината
Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на дебатата „Штетното влијание на дезинформациите“, во организација на граѓанската асоцијација „Мост“.
Во своето излагање претседателот порача дека за разлика од порано кога главните канали на информирање биле традиционалните медиуми, денес дигиталните платформи, блоговите и социјалните медиуми стануваат главен извор на информации.
„Социјалните медиуми станаа масовно користени канали за комуникација. Нив ги користат поединците, ги користат и компаниите како начин за промовирање на своите услуги и продукти, но станаа и места каде што се удомија многу медиуми. Тие овозможуваат инстант-изразување и креираат разни публики преку брзо групирање на луѓето околу една актуелна тема“, посочи македонскиот претседател.
Според Пендаровски, дигитализацијата придонела за зајакнување на слободата на говор и овозможила маргинализираните да станат видливи.
Сепак, додаде тој, во рамките на експанзијата на социјалните медиуми, без преседан во историјата на човештвото се јавува еден нов, сериозен предизвик и проблем, а тоа е злоупотребата на слободата на говор, а честопати и злоупотреба на правото на приватност.
„Истата таа технологија на дигиталните платформи овозможува и брзо ширење на дезинформациите и мултипликација на нивното дејство, создавање алтернативна реалност од дезинформации во кои се губи вистината“, истакна претседателот.
Според него, за да биде ефикасна борбата против лажните вести и дезинформациите, потребни се здружени напори, ефективна соработка на државните институции со граѓанскиот сектор, со медиумите, со образованието и со бизнисите.
„Отворен сум за соработка со сите институции и поединци од земјава и странство, со кои можеме заеднички да работиме на воведување добри практики, со цел да придонесеме за намалување на ширењето на дезинформациите. Немам никаква дилема дека крајната цел ни е заедничка, а тоа е унапредување и развој на демократијата“, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

