Македонија
Пендаровски: Негацијата на јазикот и културата е ништење на националната припадност
Јазикот и културата се фундаменти на секој народ и нивната негација значи обид за ништење на националната припадност, вели претседателот Стево Пендаровски во честитка по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука.
Тој наведува дека во 21 век секој обид за негирање на јазикот и културата не може да наиде на плодна почва и ќе биде осуден на неуспех.
„ На 22 ноември пред 112 години видните албански интелектуалци од целиот Балкан се собраа во Битола за да ја унифицираат албанската азбука. Токму овој чин е основа за кодифицирање на албанскиот литературен јазик и меѓник за развојот на албанската култура и духовност, и столб на национална себеидентификација. Горди сме што Денот на албанската азбука веќе 14 години е државен празник со кој се гордеат не само Албанците, туку и сите граѓани на нашата татковина“, наведе Пендаровски.
Апелира во времето на корона кризата да останеме сплотени, солидарни и одговорни и да се заштитиме себеси, најблиските и целата заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Целосно се обновува паркот во Капиштец со нова урбана опрема, зеленило и ЛЕД осветлување
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека паркот во Капиштец целосно се обновува со нова урбана опрема, нови садници, ново ЛЕД осветлување, нова патека и ново зеленило кое опфаќа 7.800 метри квадратни.
„Вчера почнавме со партерно и хортикултурно уредување на паркот во Капиштец. Поставуваме ново зеленило на 7.800 метри квадратни и нови садници со цел почист и поздрав Центар. Заедно со општинските служби интензивно работиме на поставување нова урбана опрема, нови павер елементи, ЛЕД осветлување и нова патека за движење. Очекуваме проектот за обновување на паркот во Капиштец да го завршиме до крајот на оваа година. Во пресрет на новогодишните празници, жителите на населбата Капиштец добиваат нов парк за рекреакција и прошетка. Упатувам апел урбаната опрема да се чува и да не се уништува, заеднички да придонесеме кон почиста и поздрава животна средина“, вели Герасимовски.
Општина Центар продолжува и во следниот период интензивно да работи за заштита на животната средина и во интерес на Центарци.
Македонија
Митева: Целта на Владата е да го трансформира македонското општество во дигитално, буџетот на МДТ за 2025 година зголемен 200 отсто
Ако се спореди вкупниот проектен буџет на Министерството за информациски и комуникациски проекти тогаш со оние од минатото може да се заклучи дека истиот е поголем за 200 отсто – односно од 154 милиони денари во 2023 година, 182 во 2024 година, на 365 милиони денари во 2025 година. Ова го истакна портпаролката на Владата, Марија Митева.
Како што рече, во делот на поединечните проекти за 2025 година е предвидено изградба на Современ примарен податочен центар (ДАТА ЦЕНТАР) во Скопје што претставува капитална инвестиција која се најавува со години. Во овој момент сите државни системи физички се во своите надлежни институции, голем дел од нив во несоодветни услови кои предизвикуваат пократок век на траење на опремата, неажурирани софтверски верзии и со голем степен на ризик од сајбер напади. Проектот предвидува изградба на примарен податочен владин центар, каде сите органи на државната управа ќе ја колоцираат својата опрема. Со ова, вели Митева, државата од една страна ќе оствари значителни заштеди за колокациски услуги. Тоа значи вклучување на ладење, безбедносни системи, противпожарни системи, надзор и одржување на просториите, а од друга страна ќе овозможи забрзана дигитална трансформација. Ова е повеќегодишен проект, но во почетокот на 2025 година планирана е изработка на физибилити студија која ќе ги дефинира техничките стандарди за изградба на центарот, локацијата и начинот на обезбедување на одржливост.
Очекувана вкупна сума на проектот е до 40 милиони евра, а за следната година со буџетот се обезбедени 2 милиони евра за физибилити студија и почеток на изградбата.
Понатаму, обезбедени се 40 милиони денари во буџетот и преку останати проектни фондови за дигитализација на најупотребуваните јавни услуги од граѓаните и компаниите.
„Тоа ќе го оствариме по специјално утврдена методологија за дигитализација на јавните услуги. Електронското испраќање на барањата за сите достапни јавни услуги до институциите и електронско добивање на потребните документи, преку компјутер или паметен телефон. Институциите ќе имаат можност да користат свои идентификациски алатки за потпишување на овие потребни документи. Во прво време се дигитализира добивањето на државјанство од Министерството за внатрешни работи, услугите на Управата за водење на матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Катастарот. Тоа значи дека ќе обезбедиме повеќе од 200 нови услуги на порталот Uslugi.gov.mk, што ќе ја дуплира бројката на достапни услуги“, изјави Митева.
Додаде и дека преку проектот во вредност од 60 милиони денари, Владата ќе работи на систем преку кој ќе се обезбеди поврзување на институциите со споделување на документи. Во овој момент само 22 институции користат заеднички систем за електронско работење, а преку овој проект се очекува да се зголеми бројот на институции за најмалку 10. Ќе се зголеми и бројот на документи кои ќе се изработуваат и потпишуваат целосно дигитално, без користење на хартија и истите ќе можат да се споделуваат и зачувуваат во дигитален формат.
Македонија
Андоновски ја отвори глобалната сајбер-конференција во Цирих: Соработката е клучот за дигиталната отпорност
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска, за време на неговото учество на Глобалната Сајбер Конференција, која се одржува во Цирих, Швајцарија, говореше на отворањето на Конференцијата пред претставници на повеќе од 40 држави, експерти од индустријата и претставници на невладиојниот сектор.
Министерот во своето обраќање ја истакна неопходноста од создавање на безбедно, сигурно и отпорно дигитално опкружување, што е во сржта на дигиталната трансформација, а воедно ги претстави и приоритетите на Македонија во оваа област. „Сајбер-безбедноста не е натпревар, туку колективна одбрана. Меѓусебната поврзаност во сајбер-просторот бара соработка базирана на доверба“, истакна министерот.
Тој ја претстави и нацрт Стратегијата за сајбер-безбедност на Република Македонија за периодот 2024-2028 година, нагласувајќи го проактивниот пристап на кој е базирана. „Пристапот на Република Македонија, во однос на сајбер безбедноста е целосно проактивен. Нашата Стратегија за сајбер-безбедност 2024-2028 се темели на пет основни принципи кои ја рефлектираат нашата посветеност на дигиталната трансформација. Дигиталната трансформација не може да биде само прифаќање на нови технологии или одржување чекор со трендовите, туку станува збор за создавање системи кои се интелигентни, приспособливи и безбедни по дизајн. “, нагласи Андоновски.
Гледајќи кон иднината, министерот ја истакна итноста од заеднички чекори за градење одржлив дигитален екосистем: „Соработката во сајбер-просторот нуди значајни можности. Но, овие можности ќе бидат реализирани само ако дејствуваме решително и веднаш. Мора да се даде приоритет на образованието и вештините за сајбер-безбедност, но и на меѓународните партнерства за да создадеме дигитален екосистем подготвен за иднината“.
Во рамките на Самитот на кој присуствуваат повеќе од 400 учесници, министерот оствари повеќе билатерални средби со колеги и претставници од водечките компании и држави во сајбер-просторот.