Македонија
Пендаровски: Немаме друга алтернатива освен градењето на едно општество за сите
Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на панел-дискусијата на тема „Правата на помалобројните заедници во нашата земја“.Во својот говор тој нагласи дека претстојното официјализирање на нашето полноправно членство во НАТО, како и процесот на пристапување кон ЕУ, треба да бидат дополнителен мотив за засилување на кохезијата во нашето општество. Ние, подвлече претседателот, немаме друга алтернатива освен градењето на едно општество за сите, во кое сите ќе имаат еднаква шанса за просперитет.
„Неспорен факт е дека нашата земја напредуваше многу во последните две децении во однос на правата на заедниците. Тоа беше резултат на политичката волја, на законските решенија, на демократското зреење на државата, на усвојување на европските стандарди, но и природен тек на традиционално добриот соживот, меѓусебното почитување и разбирање меѓу нашите граѓани.
Сепак, мораме да бидеме објективни и да кажеме дека, како и во многу други области, недостасува почитување и доследна имплементација на законската регулатива. Изговорите кои најчесто ги слушаме се поврзани со недостигот на финансиски средства, но од она што сите можеме да го видиме, навистина не станува збор за големи суми на пари, особено за така важна област. Сакам јасно да порачам дека државата мора да посвети повеќе внимание и, пред сè, ресурси за имплементација на правата на заедниците. Не смееме да правиме компромиси и импровизации кога станува збор за правото на образование на мајчин јазик, за зачувување на културата и традицијата на сите помали заедници. Притоа, верувам дека клучна е правичната застапеност во институциите. Не би сакал да звучам како ништо да не е направено досега на ова поле, затоа што многу работи се направени, туку сакам да поттикнам доследно и до крај да се имплементира правичната застапеност во администрацијата и да важи подеднакво за сите етнички заедници“, рече тој.
Според Пендаровски, претстојното официјализирање на нашето полноправно членство во НАТО, како и процесот на пристапување кон ЕУ, треба да бидат дополнителен мотив за засилување на кохезијата во нашето општество.
„Ние немаме друга алтернатива освен градење на едно општество за сите, во кое сите ќе имаат еднаква шанса за просперитет. Тоа не треба да го правиме за политички или маркетиншки цели или поради тоа што некој друг го бара од нас, туку затоа што тоа е реална потреба на нашите граѓани за нивен личен, но и за севкупен општествен развој. Ние сме мала земја и сите граѓани ја делат заедничката судбина. Доколку нашите соседи, нашите најблиски се несреќни, не можеме ниту ние да бидеме среќни.
Во тој контекст сум убеден дека одговорноста на припадниците на поголемите заедници е клучна за почитување на правата и потребите на припадниците на помалите заедници. Токму Агенцијата за остварување на правата на заедниците е институцијата која има цел и задача да овозможи поголема интеграција на припадниците на заедниците, како рамноправни граѓани во сите сфери на општествениот живот, притоа внимавајќи да се зачуваат нивните етнички и културни специфики. Се надевам дека една деценија по нејзиното формирање, Агенцијата за остварување на правата на заедниците, конечно, кадровски ќе се доекипира и ќе добие соодветен буџет за непречено и целосно остварување на целите заради кои и беше формирана. Кон таа цел треба да придонесе и новиот предлог-закон за правата на заедниците кои се помалку од 20% од населението и кој во моментов е во собраниска процедура. Практично со овој закон Агенцијата ќе добие инструменти и капацитет да ги реализира своите надлежности во контекст на следење, заштита и надзор врз спроведувањето на законите кои ги уредуваат правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во државата“, рече претседателот.
Во врска со иницијативата за измени и дополнувања на Законот за празници, според кои се предлага воведување на десет нови празници за заедниците кои во Преамбулата на Уставот се наведени како „други“, Пендаровски вели: „Можеби овие заедници се квантитативно мали, но придонесот на секој нивен припадник за напредокот на нашето општество е квалитативно еднаков со придонесот на припадниците на побројните етнички заедници. Имено, предлогот предвидува и останатите граѓани, припадници на помалите заедници да имаат свој неработен ден, датум што е битен за нивната историја, традиција и култура. Овој предлог заслужува поддршка затоа што е дефинитивно во духот на градење на општество на еднакви граѓани. Поради тоа и очекувам да се најде во собраниска процедура и да биде усвоен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

