Македонија
Пендаровски: Неопходни се силни Обединети нации, реформирани и прилагодени на новата реалност
Претседателот Стево Пендаровски преку видеопорака се обрати на настанот на високо ниво, што по повод 75-годишнината од формирањето на Организацијата на обединетите нации, се одржа вчеравечер во Њујорк на тема „Иднината што ја сакаме, Обединетите нации што ни требаат: Потврдување на нашата колективна посветеност на мултилатерализмот“.
Во обраќањето Пендаровски рече дека Обединетите нации превенирале бројни конфликти и ги ублажиле последиците од многу хуманитарни кризи. Им помогнале на многу народи преку самоопределување да го изодат патот до независност. Претседателот оцени дека формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото, но организацијата може да биде ефикасна онолку колку што државите членки ќе ѝ дозволат.
„Поради бројните пречки во нејзиното работење, во светот сè уште има тензии и конфликти, милиони бегалци и мигранти, неконтролирана експлоатација на природата и повреди на човековото достоинство. Кон старите се придодадоа и нови акутни проблеми, како што се глобалниот тероризам, транснационалниот организиран криминал и дигиталната поделба. Годинава состојбата е дополнително усложнета поради пандемијата на Ковид-19. Покрај огромното страдање што го предизвикува, пандемијата ги разоткрива слабостите на нашиот меѓународен поредок и системските нееднаквости на нашиот свет. Ни остануваат само уште десет години за да ги реализираме Агендата 2030 и Парискиот климатски договор. За да ги постигнеме Целите за одржлив развој ние мора истовремено да ги ублажиме економските и социјалните последици од пандемијата. А тоа можеме да го постигнеме само преку меѓународна соработка и глобална солидарност, за што ни се неопходни силни и ефективни Обединети нации, реформирани и прилагодени на новата реалност“, истакна Пендаровски.
Во однос на Македонија, претседателот посочи дека од својата независност до денес, земјата сведочела и за придобивките и за предизвиците на Обединетите нации.
„Од корисници на првата превентивна мисија – УНПРЕДЕП, самите станавме контрибутори на повеќе мировни мисии. Благодарение на Обединетите нации решивме комплексен спор кој ја забавуваше нашата интеграција во меѓународниот поредок. Ние ќе продолжиме во духот на мултилатерализмот да ги исполнуваме нашите меѓународни обврски и да ја поддржуваме работата на Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции. Јасно е дека само ако вложуваме во светската организација ќе успееме да изградиме достоинствен свет“, додаде Пендаровски.
Настанот, во рамки на 75. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, се одржа со емитување на пораките на претставници од над 180 држави и организации во салата на Генералното собрание на Обединетите нации, во присуство на генералниот секретар Антонио Гутереш и претставници од земјите членки.
Поради пандемијата на Ковид-19, годинешната сесија се одвива без физичко присуство на светските лидери во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Битола-Државна граница со Грција
Во 20:00 часот на крак А-3 Битола – Државна Граница со Р.Грција во близина на крстосница за с.Бистрица и с.Оптичари, случена е сообраќајна незгода, поради што сообраќајот на патниот правец Битола – Држ. граница е во прекин и истиот ќе се пренасочи низ.с.Бистрица и с.Породин соопшти АМСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин

