Македонија
Пендиков добива сместување, лично обезбедување и државјанство, засега останува во Бугарија
Христијан Пендиков ќе добие бугарско државјанство, соопшти денеска бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков.
Тамошното министерството ќе му обезбеди привремено сместување додека престојува во Бугарија.
„Тој е загрижен за својот живот доколку се врати во Северна Македонија, па затоа се размислува и за назначување обезбедување“, вели бугарскиот министер,
Милков коментира дека и покрај напорите за затоплување на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, досега нема успех. Ја истакна потребата од консултации, на кои ќе бидат ставени спорните прашања меѓу двете страни.
„Обидите за надградба, обидите за смирување на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, всушност, беа поткопани со одредени конкретни постапки на властите во Скопје. Ова, се разбира, означува нова, уште пониска точка во нашите односи“, истакна министерот.
Пендиков кој ја извршуваше функцијата секретар на бугарското здружение „Цар Борис Трети’ во Охрид, минатиот месец беше физички нападнат во ресторан на кејот во центарот на градот. Случајот прерасна во дипломатски скандал, а Пендиков во организација на бугарските власти беше транспортиран на лекување во Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.

