Македонија
Петковски: Ова да бидат последните избори кои ќе се спроведуваат согласно пржинскиот договор

„Речиси и по 30 годни од прогласувањето на независноста на државата и по голем број изборни циклуси сè уште не сме во состојба да организираме избори без вклучување и асистирање на странски фактори. И пред овие избори се поставуваат политички прашања кои со себе носат ризик за копромитирање на фер и демократската атмосфера за нивното реализирање. На прагот од ЕУ и полноправно членство во НАТО, Законот за јавно обвинителство успева политичкото внимание да го истисне од суштинските прашања за идинината на земјата кон теми кои имаат значење само за тесни политички групи, чиј интерес е единствено да се спасат од системската одговорност за нивното мината политичко поведение“, порача претседателот на НСДП, Тито Петковски, на вчерашната изборна конференција на општинската организација на НСДП од Прилеп.
„Помеѓу другото, оваа состојба се должи и на дискредитирањето на институциите на системот, на поткопувањето на нивниот кредибилитет со тоа што важните политички прашања се решаваат надвор од нив. Ако ја погледнеме позицијата на Собранието ќе видиме дека водечките политички партии ја маргиналзираа неговата улога, пратениците ги сведуваат на инструменти за спроведување на политички договори направени надвор од институциите на системот. Демократското политичко созревање на нацијата и правењето исчекор кон западно европските демократии бара напуштање на оваа пракса вкоренета во теснопартиски интереси“, рече Петковски.
Тој пред членовите и симпатизерите на партијата од Прилеп истакна дека обидите за носење на новиот закон за Јавно обвинителство зборуваат за отсуство на партиско лидерство и недостиг на чувство за јавен интерес.
„Во собраниската расправа најгласни повици за реформа на правниот и судскиот систем доаѓа од осомничени или обвинети гласноговорници на ВМРО-ДПМНЕ, чија основна грижа е како да ги спречат отворените судски постапки и да ја избегнат одоговрноста за своите постапки од времето кога во земјава имавме режим, раководен од исклучително авторитарна личност која во потрга по својот личен комодитет избега од државата“, истакна Петковски.
Тој оцени дека овие парламентарни избори треба да бидат последните избори кои ќе се спроведуваат согласно пржинскиот договор.
„Целосното раскинување со рецидивите на претходниот криминоген и авторитарен режим наметнува потреба ова да бидат последните избори кои ќе се спроведуваат согласно пржинскиот договор, односно да се напушти форматот на техничка влада. Основната причина за нејзиното воведување во политичкиот систем беше институциите да се отргнат од канџите на Груевски и државата да се воведе во еден нормален изборен процес. За нашата демокраска зрелост неопходно е тоа време да го оставиме зад нас, да ја исчистиме институционалната меморија од тие мрачни политички времиња“, порача Петковски.
За претседател на општинскиот огранок делегатите на вчерашната конференцијата ја избраа Јулијана Цековска, воедно избирајќи и нови членови на Извршниот одбор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.