Македонија
Петкоски: Градоначалникот Коњановски нема да дозволи поради личните суети и политички игри на СДС да се загрозат интересите на граѓаните на Битола

Лицемерие, дрскост, импровизација и максимална деструктивност, почитувани граѓани, е она што најблаго може да се каже за СДС. За криминал и недомаќинско работење си дозволуваат да зборуваат оние што се уништија, продадоа и разграбаа, ни го уништија достоинството, дури го доведоа во прашање и најосновното – секојдневното обично преживување, вели Зоран Петкоски, советник во Советот на Општина Битола од ВМРО-ДПМНЕ.
– Тотално неспособни да се справат со економската и енергетската криза, државата ја доведоа до услови во кои секој нејзин граѓанин, води борба од ден во ден како да преживее или како да замине од овде, да обезбеди леб и основна егзистенција. Конечно сами признаа дека повеќе од шест години бесрамно лажат и ја пустошат и Битола и Македонија. Како не се срамат, не еднаш, ами два пати да го промовираат проектот за автопатот, односно дрско пред очите на сите се фалат со капитални инвестиции, кои не се ништо друго туку обезбедување личен капитал за Груби и Ковачевски – намесникот премиер, вели тој.
Според Петкоски, тоа е криминал, тоа е корупција, тоа е лично богатење, за кое набрзо ќе има и одговорност.
Ова што СДС го прави на локално ниво, во ништо не се разликува од нивната распадната централна врхушка во заложништво на ДУИ. Само овде има уште повеќе аматеризам и ситно партиско профитерство. Градоначалникот Тони Коњановски и ВМРО ДПМНЕ, секогаш ќе работат според позитивните законски прописи и ниту милиметар нема да отстапат од она што во заеднички сојуз со Вас, почитувани граѓани го зедоа како своја обврска вели Петкоски.
Градоначалникот Коњановски, нема да дозволи, како градоначалник на сите жители на општина Битола, политичките игри и личните суети, партиската дрскост на СДС, да ги загрози интересите на граѓаните и функционирањето на локалната самоуправа, уште повеќе кога тоа се прави на штета на сите граѓани и неодговорно и незаконски! Градоначалникот Коњановски, максимално ги прави и ќе продолжи да ги прави сите напори, во услови на страшна економска криза, во услови на ужасни состојби во државата, општина Битола да функционира и да реализира проекти од севкупен заеднички интерес.
Јавните претпријатија и натаму ќе продолжат континуирано да бидат вистински сервис и со заеднички усилби да ги надминуваат предизвиците, вели Петкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.