Македонија
Петличковски: Освен деца, од голема кашлица има хоспитализирани и возрасни
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, рече дека, освен деца, има и возрасни хоспитализирани.
Во однос на 4-годишното дете што примило три вакцини и е на Детската клиника, Петличковски рече дека кај него се работи за некоја состојба која индицира примена на имуносупресивна терапија, која дава простор и луѓе што се вакцинирани да имаат можност да бидат заразени.
„Кај него инфекцијата ќе помине полесно отколку ако не бил имунизиран. И самата вакцинација има ефикасност меѓу 80 и 90 проценти“, рече Петличковски.
„Во Србија ситуацијата е таква што од речиси 700 потврдени случаи на голема кашлица, дури 64 проценти се вакцинирани. Постои опаѓање на имунитетот по десет години во просек. Се размислува за освежување на имунитетот кај критично болни, кај лица над 65-годишна возраст. Ова се првични препораки затоа што сме во добра состојба во споредба со регионот. Имаме 18 случаи, немаме смртни случаи“, објасни Петличковски.
Злате Мехмедовиќ рече дека сите 18 случаи во Македонија се засебни, што е оправдание да се прогласи епидемија на територијата на град Скопје за да нема кластери во едно семејство или домаќинство.
„Во моментот нема епидемиолошки потврдено пренос на пертусис од случај на случај. Тоа значи дека сите случаи се изолирани“, изјави Мехмедовиќ.
Според него, ова е вистинското време да се преземат конкретни чекори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
