Македонија
Петрушевска: Со новиот Статут жените добиваат заштита и се обезбедува рамномерна застапеност
ВМРО-ДПМНЕ врти нов лист, новиот Статут на партијата ја гарантира родовата еднаквост помеѓу жените и мажите. Жените добиваат заштита според Статутот, кој ќе ја гарантира правичната застапеност, изјави Марија Петрушевска, претседателка на ОК ВМРО-ДПМНЕ Петровец.
„Жените повеќе нема да имаат потреба да се борат за квоти во партијата и политиката. ВМРО-ДПМНЕ со новиот Статут воведува нови стандарди, со кои партијата е таа што се грижи за нив и води сметка за родовата еднаквост по сила на Статутот. Им честитам на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ, како и на сите жени во партијата, овој Статут е плод на нашата долгогодишна посветеност и труд, со кои и го загарантиравме местото на жената во партијата и политиката“, изјави Петрушевска.
Статутот, додаде таа, ја промовира еднаквоста и е одраз на најголемите европски и демократски вредности.
„Ова решение е комбинирано и е резултат на студиозен пристап на статутарната комисија на ВМРО-ДПМНЕ и Унијата на жените на партијата во проучување на статутите на партиите на модерните европски земји, како Германија, Австрија, Франција и други. Дополнително, во таа насока се гарантира и се води сметка и посебна грижа за застапеноста на младите во органите и телата на партијата. ВМРО-ДПМНЕ го доби најмодерниот Статут на Балканот. Поставуваме нови стандарди и на дело ги покажуваме нашите изворни вредности“, изјави Петрушевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.
Македонија
Искусните лекари ќе можат да работат до 70 години и да земаат пензија каде што има дефицит, предност за вработување ќе имаат најдобрите дипломци – подготвени законските измени
Министерството за здравство подготви повеќе значајни измени и дополнувања на Законот за здравствената заштита, кои неделава се објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Сите засегнати страни имаат можност да достават свои сугестии и предлози, кои ќе бидат разгледани согласно утврдената процедура.
Министерот за здравство Азир Алиу посочува дека процесот се води од принципите на транспарентност и отчетност.
„Се водиме од принципите на транспарентност и отчетност и сите конструктивни забелешки, мислења и сугестии ќе бидат земени во предвид во финалната верзија на новиот предлог закон за здравствена заштита. Од досегашната примена на законот произлезе потреба да се направат измени и дополнувања во делот на постапката за вработување здравствени работници и соработници во ЈЗУ, статусот на директорите на јавните здравствени установи, специјализациите и супспецијализациите, како и условите за пензионирање на здравствените работници и работа по пензионирањето, како и усогласување со други прописи“, појаснува Алиу.
Меѓу позначајните измени е воведување приоритетно вработување на најдобрите дипломирани доктори на медицина од медицинските факултети во државата. Доколку тие се пријават на оглас за вработување, нема да се спроведува постапка за селекција, туку ќе бидат приоритетно вработени во јавната здравствена установа.
Воедно, во постапката за вработување е предвидено составот на комисијата за селекција на кандидатите да го предлага стручниот колегиум на установата, посебно за секое огласено работно место. Согласно резултатите од постапката, директорот е должен да го вработи најдобро рангираниот кандидат.
Измените опфаќаат и нов пристап во планирањето на специјалистичките и супспецијалистичките кадри. Владата, покрај програмите за државни и кофинансирани специјализации, во иднина ќе носи и програма со која ќе се утврдува бројот на приватни специјализации и супспецијализации, во согласност со потребите за медицински кадар.
Дополнително, се зголемува старосната граница за ангажирање искусни доктори од специјалности и супспецијалности каде недостига кадар. На овие лица ќе им се овозможи, со договор, да бидат ангажирани во здравствени установи во мрежата од 67 до 70 години и истовремено да ја задржат пензијата. Ангажирањето ќе се врши со согласност од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, доколку нема други услови за обезбедување на одредена здравствена дејност или за непречено функционирање на услугите.

