Македонија
Петрушевски: Ако Коцевски сам не си поднесе оставка, ќе докаже дека е на функција само да го спасува СДС

Ако главниот обвинител Коцевски сам не си поднесе оставка, ќе докаже дека е на функција само да ги спасува СДС од одговорност, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Главниот обвинител Коцевски доби два црвени картони, првиот од народот директно кој нема доверба во него ниту 2% и вториот од народот преку пратениците со интерпелацијата. Главниот обвинител Коцевски е свесен дека народот не му верува, и дека со ништо не покажал дека се труди тоа да го смени. Единствено нешто кое што Коцевски го прави, е да се држи до СДС, кои мораа да ја напуштат глумата на мачка и глушец, и да се соголат целосно, јавно бранејќи го во Собрание“, рече тој.
Петрушевски го праша обвинителот Коцевски нели се срами кога СДС мора да го бранат или тоа природно му доаѓа како контра услуга за сите функционери кои им ги спаси од кривична одговорност?
„Како може Коцевски да продолжи да биде главен обвинител, кога знае дека ниту еден случај за кој во изминативе години имаше низа докази излезени во јавноста не обезбеди пресуда? Дали за еден обвинител како Коцевски е поважно да биде потрчко на Заев и Филипче, отколку да работи за граѓаните? Доколку Коцевски има грам доблест, ќе си даде оставка веднаш, затоа што кредибилитет одамна нема“, рече Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Кисела Вода и Карпош

Без струја денеска ќе бидат делови од општините Кисела Вода и Карпош, информира Центарот за управување со кризи.
„Од ЕВН Македонија АД известуваат дека на ден 06.08.2025 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат:
· од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Таки Хрисик, ул. Тони Богдановски, ул. Борис Трајковски крак 7 и ул. Андреј Богдановски. (Општина Кисела Вода)
· од 09.00 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. Франце Прешерен. (Општина Карпош)“, информира ЦУК.
Македонија
Сончево време, попладне со локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне, претежно во северните делови ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Следува период на стабилно и топло време со пораст на дневната температура.
Македонија
На Богородица и Табановце се чека по 10-тина минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, нa ГП Богородица и ГП Табановце времето на чекање е 10-ина минути, на останатите граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.