Македонија
Побаран доживотен затвор за убијците на Вања и Панче: Двете дела се убиства на свиреп начин за кои е предвидена најтешка казна
Обвинителките Ана Стојковиќ-Димитровска и Жаклина Крстевска во завршните зборови на денешното судење за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, побараа доживотен затвор за Љупчо Палевски- Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.
„Делата се сторени со умисла, со намера. Жртвите се грабнати на ист начин, загрозени, врзани, во страв. Двете дела се убиства на свиреп начин, за кои е предвидена најтешка казна. Жртвите се врзани, ставени во гепек, им се вперил пиштол. Овие стресови се катастрофална траума од висок интензитет, двете жртви претрпеле тешко страдање“, рече обвинителката Стојковиќ-Димитровска.
Самиот факт дека Вања Ѓочеввска е дете од 14 години, обвинителката рече дека е доволно за доживотен затвор. За прашањата на јавноста зошто е убиена Вања, обвинителката рече дека не е нужно да се утврди мотивот за да се докаже нечија вина и дека отсуството на мотивот, кој е субјективен однос на злосторникот кон делот, не е причина некој да биде осуден.
Обвинителката кажа дека убијците имале умисла да земат пари, а примарната цел била Вања, сржта биле парите, како што се изрази, додека Панче бил средство за остварување на целта. Им требал неговиот „цитроен“ со голем гепек. Грабнувањата и убиствата биле темелно испланирани, а потоа сите траги биле уништени и избришани вклучително и пиштолот.
Обвинителството смета дека нема олеснителни околности за обвинетите оти сите четворица се во зрела возраст, сите се родители, а некои сакале да бидат и политички фактор, одзеле живот на дете- нешто што не се толерира и затоа побара доживотен затвор за сите.
Соодветна затворска казна од судот обвинителките побараа и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски за кого кажаа дека не тврдат дека имал умисла да му биде убиено детето, но помагал во грабнувањето и неговата улога е трагична па побараа судот да го прогласи за виновен.
14-годишната Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023 година, а
Велешанецот Панже Жежовски беше пријавен за исчезнат на 24 ноември 2023 година, а три дена подоцна на 27 ноември беше пријавен за исчезната Вања Ѓорчевска. Двајцата беа пронајдени мртви на 3 декември 2024 година, Жежовски во близина на Велес, Ѓорчевска во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

