Македонија
Повеќе од 250 волонтери го исчистија скопскиот акведукт, почна најголемата екоакција „Генералка викенд“
Денеска, на скопскиот акведукт почна најголемата тридневна (9, 10 и 11 мај) годишна национална акција за собирање отпад – „Генералка викенд“ (волонтерска кампања од граѓани за граѓани), организирана од „Мен енд маунтен“ заедно со нивниот главен стратешки партнер „Пивара“ – Скопје и официјалните партнери „Пакомак“, „Нула отпад“, Шпаркасе банка, „ЕВН Македонија“, „Бучим Боров Дол“, „Макстил“, „Саубермахер“ и „Костал“. „Генералка викенд“ се спроведува во сите општини во целата земја со илјадници волонтери на повеќе од 500 локации.
Акцијата е поддржана и од ЗЕЛС, Црвениот крст и Министерство за животна средина, како и од многу познати јавни личности. Над 20.000 волонтери ја чистат нашата татковина на повеќе од 500 локации во сите општини во земјава, вклучувајќи над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети и волонтери и националните паркови.
Со поддршка за екоакцијата со видеопорака се огласи и претседателката Гордана Силјановска Давкова, која апелира до граѓаните да се вклучат:
„Постојано зборуваме за зелени политики, а живееме во сиво-црна реалност на убиствен воздух, загадени езера и реки, опустошени шуми и контаминирана почва. Не сакаме да се соочиме со тешката еколошка криза. Природата не може да биде жртва на профитната агресија. Доколку сакаме здрава иднина, треба сите на 9, 10 и 11 мај да се обединиме во најголемата еколошка акција ‘Генералка викенд’ како доказ за национална одговорност и еколошка будност“, вели Силјановска Давкова.
На отворањето на екоакцијата „Генералка викенд“ на скопскиот акведукт, каде што собираа отпад над 200 волонтери, присуствуваа и претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, директорката на секторот за корпоративни политики и одржливост на „Пивара“ – Скопје, Снежана Савиќ-Димовска, австрискиот амбасадор, Мартин Памер, секретарката на Црвениот крст, Сузана Тунева-Пауновска, градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, претставници од Управата за заштита на културно наследство, претставници од институции, претставници на амбасадите присутни во нашата земји, волонтери и повеќе јавни личности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

