Македонија
Поврзаноста не се мери во „допаѓања“, туку во љубов и присуство, порача Ѓорге Иванов на Конгресот на религии во Казахстан
Во периодот од 15 до 18 септември, поранешниот претседател на Република Македонија (2009 – 2019), Ѓорге Иванов, учествуваше на осмиот Конгрес на лидерите на светските и на традиционалните религии, што се одржа во Астана под покровителство и со претседавање на претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев.
Во рамките на конгресот претседателот Иванов се обрати на панелот „Духовните вредности во ерата на дигитална реалност и вештачка интелигенција“, каде што во своето излагање ја истакна двојната природа на новите технологии и на вештачката интелигенција – можностите што ги создаваат и отвораат, но и предизвиците што стојат пред духовноста и човечноста.
Иванов предупреди дека „вистинската вера не може да биде создадена од машина, а вистинската поврзаност не се мери во ‘допаѓања’, туку во љубов и присуство“ додавајќи дека духовните водачи имаат клучна улога да ги насочат луѓето кон трајните духовни вредности во еден свет што често нуди брзи, но празни одговори. Тој нагласи дека човековото достоинство, слободата, приватноста и вистината не смее да бидат жртвувани во трката по иновации и повика на заедничка соработка меѓу духовните заедници, технолошките експерти и медиумите во градењето етичка дигитална иднина. Потсетувајќи на македонската традиција на вековна верска толеранција и заемно почитување, тој порача дека технологијата не треба да нè оддалечува од тоа кои сме, туку да ни помогне подобро да се откриеме себеси.
На овој значаен настан во Астана учествуваа повеќе од 100 делегации од 60-ина земји од целиот свет, меѓу кои и највисоките духовни водачи од христијанството, исламот, будизмот, јудаизмот, хиндуизмот, таоизмот и од шинтоизмот, како и претставници на меѓународни организации, академската заедница и јавни личности.
Претседателот Иванов го искористи своето присуство и за повеќе средби со учесниците со кои разговараше за современите предизвици на духовноста, за потребата од унапредување на дијалогот и за градење мостови на доверба. Во овие средби тој ја истакна важноста на Македонија како пример на вековно меѓурелигиско, меѓуетничко и меѓукултурно почитување и заедништво пренесувајќи ја пораката дека малите земји преку мудрост и искуство може да придонесат за глобалниот мир и за стабилност, особено во време на глобални несигурности и брзи промени кога улогата на духовноста и дијалогот е уште поважна за зачувување на човечките вредности и за градење посигурна иднина за следните генерации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

